Новите соеви на вирусот бараат модификација на вакцините: Како се снаоѓаат производителите?


По развојот и воведувањето во употреба на вакцините за спречување на Ковид-19 со рекордна брзина, производителите се соочуваат со проблем по појавата на новите соеви на корона вирусот, кои нивните вакцини може да ги направат неефикасни.

Тоа е предизвик кој ќе бара повеќемесечни истражувања и големи финансиски вложувања.

Раководителите на „Модерна“ и „Фајзер“ и нивниот партнер „Бионтек“ веќе размислуваат за нови верзии на своите вакцини за да одговорат на мутациите на вирусот кои најмногу загрижуваат, што е само еден дел од работата која е потребна за да се биде пред вирусот, потврдија за агенцијата неколку стручњаци, пренесе Ројтерс.

Тое наведуваат дека потребно е да се изгради глобален надзорен систем за проценка на новите мутации за да може научниците да утврдат кое ниво на антитела ќе биде потребно за луѓето да се заштитат од Ковид-19 и во кој момент вакцините треба да се менуваат, а регулаторите мора понатаму да ја одработат својата работа за да се покаже дека ажурираните вакцини и понатаму се сигурни и ефикасни.

Од компанијата „Џонсон и Џонсон“ за Ројтерс велат дека ги загрижува јужноафриканската варијанта на вирусот, која интензивно ја проучуваат, и дека во согласност со тоа ќе ја прилагодат својата вакцина со додавање на новиот сој, ако биде потребно.

„Модерна“ во понеделникот соопшти дека лабораториските студии покажале дека антителата настанати како одговор на нејзината вакцина се шест пати помалку ефикасни во неутрализирањето на лабораториски направената верзија на јужноафриканската мутација од претходните верзии на вирусот.

Студијата објавена вчера покажа дека јужноафриканската варијанта ги намалила неутрализаторските антитела за 8,6 пати за вакцината на „Модерна“ и 6,5 пати за вакцината на „Фајзер“, а „Модерна“ порано неделава рече дека почнала со работа на потенцијален засилувач за својата вакцина.

Научниците велат дека сè уште не е познато колку може да опадне заштитата пред да треба да се измени вакцината против Ковид-19. Кај грипот, осумкратно опаѓање на заштитата на антителата предизвикано со вакцина значи дека дошло време за модификација, но тоа не мора да се однесува и на овој вирус, наведува Ројтерс.

Американските научници од Националниот институт за алергиски и заразни болести во моментот анализираат податоци и од доцната фаза на испитување на „Модерна“ за да утврдат кое е потребното ниво на неутрализирачки антитела за заштита.

Тие споредуваат луѓе кои се вакцинирани, но се разболеле, со вакцинирани луѓе кои останале здрави.

Агенцијата наведува дека би можело да потрае и два месеца за да се заврши оваа работа, но научниците се надеваат дека ќе створат референтен стандард за минимално ниво на антитела предизвикани со вакцина кое е потребно за заштита од Ковид-19.

Тогаш американскиот Центар за контрола и превенција од болести и Светската здравствена организација може да одлучат кога вакцината треба да се ажурира како кај грипот.