Новиот Управен одбор на АЕК ќе ја стопира одлуката за покачување на платите за 20 проценти


Новото раководство, односно новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто плати за 20 проценти во АЕК, истакна премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, кој наведе дека со предложениот финансиски план за 2025 година ова тело предвидува приходи од 9,3 милиони денари, што е за 31 отсто помалку во однос на оваа година.

– Јас тоа го дознав од новото раководство во Агенцијата за електронски комуникации, кое што беше избрано во Парламентот пред отприлика две недели, дека раководството на одење потпишало Колективен договор заедно со директорот, кој што е кадар на Демократската унија за интеграција, овие кои што се грижат за стандардот и се загрижени многу кој е легитимен, кој не е легитимен. Потпишале ваков Колективен договор кој претходно никогаш не бил потпишан, ниту имало потреба од него, кога сите знаеме колкави и какви се примањата во Агенцијата за електронски комуникации. Добрата вест е што новото раководство, новиот Управен одбор прво што ќе направи е да ја стопира оваа одлука и ќе ги преземе сите механизми што стојат на располагање да биде овој колективен договор ништовен. Колективниот договор, ќе повторам, го потпишало претходното ракводство каде што членот, односно претседателот на Управниот одбор е од СДСМ, а директорот кој што во моментот сѐ уште ја извршува таа позиција е од редовите на ДУИ, истакна Мицкоски.