Новиот албум на Влатко Стефановски – „Muscle Memory“ во продажба од 20 март


Новиот авторски албум Muscle Memory на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски ќе се најде во продажба од 20 март, како компакт-диск и како дигитално издание. За љубителите на винили, Croatia Records, матичната дискографска куќа на Влатко, подготвува и лонг плеј плоча. Новиот студиски албум носи девет нови композиции кои стилски се движат помеѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливата виртуозност и емотивна изразност што со децении го одбележува неговото творештво.

 

 

На албумот има четири инструментални композиции и пет песни со текст, а покрај неверојатните гитарски сола на Влатко Стефановски и неговото карактеристично чувство за мелодија, песните како Модерни времиња, насловната Muscle Memory, Фалиш ми, Срце скршено и други звучат продукциски и изведбено на светско ниво.

Muscle Memory е уште еден доказ за она кон што Влатко Стефановски се стреми во текот на целиот свој уметнички пат – постојано истражување, поместување на сопствените граници и создавање уникатен музички израз. Со врвни инструменталисти, гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио – Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара – новиот албум ги спојува виртуозноста, емоцијата и богатото музичко искуство, потврдувајќи ја извонредната креативност на еден од најзначајните гитаристи на овие простори.

 

Новиот албум на Влатко Стефановски – Muscle Memory излегува набрзо откако неодамна Croatia Records го објави инструменталниот албум Guitar Sings, на кој гитарскиот виртуоз на посебен начин ги отсвири најголемите хитови на легендарниот хитмејкер Ѓорѓе Новковиќ. На споменатово издание Стефановски соработуваше со Royal Philharmonic Orchestra од Лондон, што беше остварување на уште еден од неговите дамнешни соништа.