Нови протести пред УЈП во Куманово, три месеци чекаат одговор за оданочувањето на приходите од Авганистан и Ирак


Кумановци кои работеа во Ирак и Авганистан, денеска повторно протестираа пред зградата на Управата за јавни приходи, уште еднаш потенцирајќи дека бараат правда, еднаква за сите. Неодамна формираа и граѓанското здружение „Правда за сите“, формирано како реакција за, како што велат, неправедните даночни решенија за оние кои работеле во странство во американски компании во базите во воени подрачја.

Претставниците на здружението велат дека и по три месеци од започнувањето на нивната иницијатива, институциите сè уште не дале јасен одговор на нивните барања. Во име на присутните граѓани се обрати Зоран Наковски, кој посочи дека здружението е формирано да се бори за правата на своите граѓани. Како што кажаа присутните граѓаните не добиле конкретни одговори од институциите, туку, процесот се одолговлекува.

-Веќе три месеци се бориме за правда, а сè уште немаме никаков јасен одговор од институциите. Наместо решение гледаме само молк, одложување и купување време со надеж дека граѓаните ќе се откажат-рече Наковски.

Од здружението кажаа дека не се сторители на прекршоци, туку луѓе кои со години работеле во странство и придонесувале за своите семејства и за економијата, далеку од домот и семејствата, ги почитувале државата и градот, плаќале секакви даноци.

– Денес јавно прашуваме зошто институцијата ги прескокна сопствените закони и процедури и изготви вакви решенија? Дали во оваа држава постои контрола и дали некој ќе одговара за пропустите што се направени-прашаа граѓаните.

Наковски посочи дека, и покрај информациите кои кружат во јавноста дека дел од поднесените тужби можеби се одбиени, здружението нема намера да се повлече.

– Дури и ако тоа се случи, ние нема да застанеме. Постојат и други правни патишта, па и меѓународни судови, и подготвени сме да ја продолжиме оваа борба до крај-нагласи тој.

Наковски додаде дека здружението ќе продолжи да бара, како што рече, почитување на законите и правична постапка за граѓаните кои се засегнати од спорните решенија.  (МИА)