Нови олеснувања за фирмите – поголема помош за најпогодените и можност за помалку вработени


Нови, олеснети критериуми за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, кои ќе бидат достапни од 1 мај годинава, презентираа денес Министерката за финансии Нина Ангеловска и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Една од новините е можноста микро и малите фирми кои ќе добијат финансиска поддршка да можат да го намалат бројот на своите вработени до 15 отсто, средните до 10 отсто, додека пак големите компании до 5 отсто.

Како што соопшти Ангеловска, фирмите нема да ги врќаат средствата не само доколку во оваа година имаат загуба во работењето предизвикана од корона кризата, туку и ако во претходните две години оствариле добивка, но не треба да се на листата должници на Управата за јавни приходи и да не доцнат со плаќање на кредитите подолго од 90 дена од денот на достасување на обврската. Исто така и да инвестираат исто толкав или поголем износ во обуки за вработените, надградба на процеси, или во продуктивен капитал.

Новина е и што покрај досегашните 14.500 денари по вработен за исплата на плата, фирмите од најпогодените сектори туризам, угостителство и транспорт, ќе можат да аплицираат и за субвенции за придонесите на плати, до најмногу 5.000 денари што ја зголемува помошта до 19.500 денари за вработен.

Дополнителна поволност за фирмите што ја користат мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, е можноста средствата да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства. Претходно беше предвидено компаниите кои би оствариле загуба годинава да не ги враќаат средствата од помошта.

Вкуниот износ на мерките што беа презентирани денес изнесува 100 милиони евра, од кои 50 милиони се реалоцирани средсвта од веќе одобрен заем од Светската банка, за што зборуваше претставникот на Светск абанка во змејава Марко Мантованели.

Со овие средства ќе им помогнеме и на вработените и на фирмите да ги сочуваат работните места и да се подобри нивната ликвидност“, рече Ангеловска, додавајќи дека мерките се однесуваат на сите дејности погодени од кризата и дека на овој начин ќе се помогне на 200 до 250 илјади работни места.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска рече дека за користење на мерката од следниот месец треба да се поднесе барање за финансиска поддршка преку системот е-даноци најдоцна до 7 мај за платите во април, односно до 7 јуни за платите во мај, а УЈП ќе одговори во рок од три дена од денот на прием на барањето.

Инаку, вкупниот износ на досега презентираните мерки на Владата за поддршка на стопанството од последиците на корона кризата е околу 200 милиони евра или 2 отсто од домашниот бруто-производ.

Ангеловска рече дека постојано се следи ситуацијата и дека доколку е потребно Владата ќе излезе и со нови мерки со цел да им помогне на вработените и на фирмите во рамките на можностите, да го пребродат овој тежок период.  (М.Ј.)