Нови болни сцени од Кочани, мајката на загинатиот диџеј со порака за неговиот роденден

Во Кочани повторно се одржа Марш на родителите, роднините и пријателите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“. Болни сцени, солзи и тишина ја обележаа поворката, при која родителите носеа фотографии од своите деца.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата, бараме животите на младите да не завршуваат во идни статистики“, пишуваше на еден од транспарентите.
„Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива“, порача друг транспарент.
Особено емотивна порака носеше Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден беше вчера: „Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите.“
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на загинатите.
„Оваа трагедија не е само црна хроника во вести, не е статистичка бројка. Тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина, 62 иднини украдени за миг, порачаа родителите на починатите во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“, попладнево на 19. протестен „Марш на ангелите“.
Поворката од родители и нивните поддржувачи ја поминаа предвидената маршута – од Паркот на револуцијата, Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, Управата за јавни прихдои, зградата на полицијата, па се до Основниот суд од каде побараа овој случај да добие епилог, да не се заташка и заборави.
Семејствата на загинатите, како што самите рекоа, не бараат од државата сочуство и празни зборови, туку вистинска, целосна и праведна разрешница.
-Секој што носи одговорност без разлика на функцијата, позицијата или моќта мора да биде изведен пред лицето на правдата, затоа што човековиот живот нема цена, а нашите загуби немаат замена, истакнаа на маршот.
Родителите го завршија маршот онаму од каде што тој и почна – во Паркот на револуцијата во Кочани, со себе носејќи фотографиите од своите деца и транспаренти со пораки што постојано ги упатуваат до истите институции.
Дел од родителите во четвртокот на гробовите на загинатите во трагичниот пожар во четвртокот се сретнаа со премиерот Мицковски кој ненајавено дојде и запали свеќи.Родителите кои беа на случајната средба му рекоа дека трпат секојдневни притисоци и закани да престанат со Маршовите на ангелите.
„Никој неможе и не смее да ви се заканува и да ве попречува да протестирате“, ги убедуваше Мицковски.