Нови барања за оставка на Цвета Ристовска од ДКСК
Професорот Гордан Калајџиев на социјалните мрежи напиша: „Оставка од ДКСК! Се обрукаа со директорот на АНБ“
Барањата за оставки во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и натаму не стивнуваат, особено по настапот на првата антикорупционерка Татјана Димитровска во Собранието, која отворено ги приквиваше фактите за ангажманот на Цвета Ристовска, која „пресуди“ дека дипломата на Бојан Христовски е валидна, иако таа била дел од истиот универзитет каде директорот на АНБ ги завршил студиите.
„Последната скандалозна одлука за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и сомнежите за судир на интереси во самата ДКСК фрлаат црна дамка на работата на комисијата и ја поткопува довербата во оваа важна институции. Сомнежите за судир на интереси кај членката на ДКСК Цвета Ристовска, која истовремено била предавач на истиот универзитет од каде што е спорната диплома на Христовски, како и фактите објавени во медиумите дека дипломата е стекната за само една година ја компромитира објективноста и независноста на одлуката. Од овие причини Цвета Ристовска треба да си поднесе оставка, а Државната комисија за спречување корупција да ја повлече и да ја преиспита одлуката за директорот на АНБ.
Дополнително, потребно е целосно расчистување на евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат. Носители на функции во ДКСК мора да бидат пример за одговорност, интегритет и транспарентност. Судирите на интереси, манипулациите и злоупотребите мора да бидат санкционирани без исклучок. Само така може граѓаните да имаат доверба во оваа важна институција“, реагираа од СДСМ.
Претходно и професорот од Правниот факултет, Гордан Калајџиев, преку статус на социјалните мрежи побара оставки од ДКСК.
„Оставка од ДКСК!! Се обрукаа со директорот на АНБ“, напиша тој.
Тој имаше коментар и наводната јавна расправа за судството.
„Многу широка јавна дебата одржа власта денес за судството; дури тројца дебатираа: една професорка по историја и уште двајца“, напиша тој.
Поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, синоќа за Сител изјави дека Цвета Ристовска, ако има и малку морал, треба веднаш да си поднесе оставка.
Според неа, доколу ДКСК сака да ја врати довербата кај граѓаните, предметот веднаш треба да биде отстапен кај друг член на Комисијата, а не тој и понатаму да биде во рацете на Ристовска.
„Ова веќе е работа на Обвинителство. Ако оваа членка има и малку морал треба веднаш да си поднесе оставка. Оваа цела работа треба да ја преиспита Обвинителство според мене“, рече Ивановска во Дневникот на Сител.
Таа рече дека се сомнителни и другите аспекти од одлуката на антикорупционерите да се изземат од другите спорни моменти при изборот на Христовски.
„Имаме две професорки кои се судски се осудени со истиот сертификат како оној на Христовски. Наместо ДКСК да се повлече од своите тврдења, тие велат сертификатот е валиден. ДКСК се повика на изјава на инспектор, наместо корупцијата сами да ја истражуваат. Сертификатот за англиски јазик е прогласен за валиден додека не се докаже спротивното, а спротивното е веќе докажано. За дипломата на факултетот, инспекторот кажал дека е во ред – не може само да се основате на работата на инспекторот, треба да се направи и свое истражување за поткрепување“, нагласи Ивановска.
Инаку и денес ДКСК продолжи да работи во тешка илегала и, бидејќи по сите реакции во јавноста и барањата одговори си одржа онлајн седница на која усвоиле програми за идната работа со јасно порака дека критиките воопшто не ги допираат.