Нови 120 дрвца во општина Карпош


Нови 120 дрвца ќе бидат засадени деновиве на повеќе локации во општина Карпош. Дрвцата ќе бидат засадени во рамки на редовната пролетна акција што традиционално ја организира Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош.

-Општината од својот буџет обезбеди финансиски средства во вкупен износ од 1.400.000 денари со кои ќе бидат набавени листопадни и зимзелени садници, кои пак ќе бидат насадени во две етапи – за време на пролетната и есенската еколошка акција. За пролетното садење, Општина Карпош одвои средства во висина од 400.000 денари со кои набави 120 висококвалитетни садници, соопшти Општина Карпош.

Општинските служби ги засадуваат новите дрвја на повеќе локации во населените места Тафталиџе 1, Карпош 1,2,3 и 4, во населбата Нерези, како и во урбаната заедница „Владо Тасевски“.

Во пролетната акција денеска се приклучија и претставници од Советот на Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој ја истакна важноста на оваа еколошката иницијатива.

– Општина Карпош продолжува со подобрување на еколошката состојба. Покрај тоа што го одржуваме постојното зеленило, исто така го зголемуваме и фондот на дрвја на наша територија. Во исто време ги повикувам сите граѓани на Карпош да се потрудат заеднички да ги одржуваме овие садници, истакна Јакимовски.