Новата влада ќе ја добиеме во новата година


Зоран Заев и Африм Гаши изјавија дека со овој договор владата треба да го одработи својот мандат до 2024 година бидејќи ќе има стабилно мнозинство (Фото: Б. Грданоски)

Нoвата влада, по официјалното влегување на Алтернатива  во владеечката коалиција, не се очекува да биде избрана пред јануари. Сега фокусот ќе биде на внатрепартиските избори во СДСМ и на тоа дали идниот лидер на оваа партија треба да биде идниот мандатар. Технички, по внатрепартиските избори за лидер на СДСМ на 12 декември, ќе следува избор на заменици претседатели и на другите органи на партијата. Се очекува целата постапка да трае до крајот на декември, а во трката се Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски. 

Новиот мандатар треба пред пратениците во Собрание да ги предложи новиот владин кабинет и владината програма. Неофицијално,  политичките партии од парламентарното мнозинство сметаат дека втората половина на јануари ќе биде период на конкретизирање на сите овие процедури. Од ДУИ, кои најсилно инсистираа за останување на Зоран Заев на премиерската функција, сега изјавуваат дека им е прифатлив и друг мандатар. Тие немаат проблем ни со тоа што Алтернатива со само 4 пратеници доби три министери и над 40 директори. 

Зошто не би бил прифатлив нов мандатар. Ја почитуваме одлуката на СДСМ, кого и да изберат тие за претседател, кого и да го предложат за мандатар секако. Ние всушност во Владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, којшто е многу голем и каде што имаме многу значајни проекти што ги имаме зацртано во нашата програма и кои ни е многу значајно да ги имплементираме, вели Груби.

Премерот Заев веќе најави дека во новата влада ќе има три или четири нови министерски места без ресор за да се сочува етничкиот баланс во неа, но оваа најава се сваќа и како резултат на потребата да се задоволат разбудените апетити на помалите коалициони партнери. 

Алтернатива, иако влезе во власта, на локално ниво ќе продолжи да соработува со опозицијата, така што испадна апсолутен добитник од локалните избори. Губтиник е Алијансата за Албанците, а прва последица е распаѓањето на пратеничката група на двете партии во Собранието. Од Алијансата се изненадени од леснотијата, според нив, со која Гаши ја сменил страната  и нивниот договор со Заев го сметаат за бесмислен.

„Навистина е дискутабилен пристапот, но и мотивите за приклучување на Алтернатива во Владата, особено ако се земат во предвид изјавите на премиерот во заминување дека договорот потпишан од двата политички субјекта за спроведување на оваа обврска му припаѓа на следниот премиер“, оцнија од Алијансата.

„Тој договор се потпишува со претставници на мнозинство, кое според сите индикатори и сите показатели е најлошото мнозинство, односно најнеефикасната и најнефункционалнта власт во триесетте  години плурализам во Република Северна Македонија. Реално сме изненадени од ваквиот чекор на досегашниот наш политички партнер. Ова е нов момент и очекуваме следните денови, органите на партијата да заземат став и за можната идна соработка со Алтернатива на локално ниво“, вели Илми Азири.

Во коалицијата предводена од СДСМ, освен ДУИ, други партии кои се застапени во Собрание се и ЛДП, ДОМ, НСДП, Демократски сојуз, ВМРО -Народна партија, Партија на пензионери, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Србите.