Новата учебна година со 55 обновени училишта и вградени фотоволтаици


Фото: Б. Богдановска

Марина Андева, претседателка на Комисија за образование на СДСМ, на првиот ден од учебната година оцени дека критиките што се случаат имаат само за цел да создадат  хаотична и безизлезна состојба на сметка на  учениците, место да им ослободат простор за мирна и плодна средина за учење.Наспроти тоа, таа соопшти дека  учениците и наставниците во 55 училишта ќе ја започнат новата учебна година со значително подобрени услови за настава.

-Се инвестираат над 4,5 милиони евра обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти. Поставени се енергетски ефикасни фасади и еколошки системи за греење во училиштата со што веќе нема да стравуваат од студени зими.

Учениците и оваа учебна година од одделенска настава ќе продолжат да работа со тандем наставници по физичко и здравствено образование со што е овозможено правилен раст и развој од најмала возраст. Се овозможува ученичко организирање во рамки на училиштата со цел да се слушне мислењето и потребата на учениците. Се обезбедува редовна исплата и поголем број и повисоки ученички стипендии. Децата со попреченост се вклучени во редовната настава повеќе години со образовни асистенти во училиштата. Со укинување на екстерното тестирање, ги ослободивме учениците и наставниците од стресни ситуации.

На наставниците со закон им е овозможено кариерно напредување во звања и зголемување на коефициентот за плати, а со тоа е обезбедено квалитетно менторирање на новите наставници-приправници. Наставниците во основните и средните училишта веќе применуваат модерни и современи наставни средства и информатичка технологија со кои успешно можат да го пренесат знаењето на новите генерации. Се намали педагошката администрација и со тоа овозможивме повеќе време на наставниците за креирање на успешни наставни часови. Се зголеми платата на наставниците за 55 % во периодот од формирање на Владата на СДСМ. Наставниците кои се опфатени со новата концепција ќе имаат месечни примања во висина на цела плата, а покрај задолжителните наставни часови ќе имаат можност својата креативност, компетенции и вештини да ги пренесат на учениците преку воннаставни и слободни часови.

Во средното стручно образование со новите програми и учење преку работа кај работодавач овозможивме стекнување на работни односно практични компетенции на учениците. Владата предводена од СДСМ формира три регионални центри за стручно образование и обука каде учениците односно граѓаните покрај формалното образование, ќе можат да се доквалификуваат и преквалификуваат, порача Андева.

Таа нагласи дека целта е  да се создадат здрави и општествено изградени личности, затоа што тие се иднината на државата.

-Влогот во учениците е влог за светла иднина на сите. Важно е, децата да одат во училиште за да стекнат соодветно образование во чекор со европските вредности и да создадеме квалитетни кадри квалификувани за пазарот на трудот. Еднакво важно е да ги научат и основните животни, морални и етички вредности неопходни за секојдневното функционирање. На учениците им треба образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат можностите да станат среќни, здрави, успешни и корисни  чинители на општествениот развој и промени кои ќе се случуваат чекорејќи кон европската иднина, изјави Андева.

Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ , пак, тврдеше денес дека  реформата на образованието што ја турка власта е неспроведлива и крајно лошо обмислена.

-Учебници за сите ученици на првиот училишен ден нема да има, а и не само на првиот и понатаму. Учениците ќе бидат дискриминирани со тоа што едни ќе имаат учебници, а други материјали за учење, односно линк до ПДФ формат некакви материјали. Огромен број на ученици ќе имаат полураспаднати учебници користени во претходните години.Врв на хипокризијата на оваа Влада во однос на учебниците е изјавата на премиерот дека министерот не пишува учебници и не е одговорен за нивниот недостаток.Премиере и изминатите 30 години министерот не пишуваше учебници ама нив ги имаше.

Наставниците ќе бидат фрустрирани бидејќи оваа година ќе држат различен број часови за иста плата.Историја, во шесто одделение учениците ќе учат само во прво полугодие, а потоа следната година, во седмо. Кога сме кај историја, уште една важна информација за наставниците, ве молам да не ги учите учениците дека Тигар и Еуфрат се наоѓаат во Аррика, така пишува во новите материјали за учење објавени на страната на БРО, дека Нил Тигар и Еуфрат се наоѓаат во Африка. Ве молам, направете напори и науштете ги учениците дека Нил е во Африка, а Тигар и Еуфрат во Азија.

Дел од наставниците ќе предаваат предмети за кои немаат компетенции и вештини. Наместо оценки по предмет наставниците ќе пишуваат оценки на модули. Сето ова како резултат на насоките за планирање, организација и реализација на наставата, документ кој ако се спроведува води до кршење на најмалку 3 закони.Значи ли тоа дека ако директорите ги спроведуваат овие насоки, утре може да бидат и разрешени и казнети за непочитување на постоечкиот важечки закон? Потоа Владата ќе побара одговорност и од градоначалниците, порача таа.