„Новата епоха“ на Мицкоски почна со старите навреди кон ривалите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по изборот на конгресот рече дека негова лична филозофија бил „нов општествен консезус на рамноправни чинители“. Неколку часа подоцна, неговата партија го нападна Димитар Ковачевски дека бил пион на Заев


Христијан Мицкоски на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по изборот на конгресот рече дека негова лична филозофија бил „нов општествен консезус на рамноправни чинители“. Неколку часа подоцна, неговата партија го нападна Димитар Ковачевски дека бил пион на Заев

 

Љупчо Поповски

Има ли надеж дека ќе се променат односите во македонската политика по неделниот избор на лидерите во двете најголеми партии? Има ли надеж за граѓаните во поделеното општество дека политичките ривали ќе бидат малку покултивирани во нивната меѓусебна битка на идеи, програми и визии? Одговорот тешко дека  ќе може да биде позитивен.

Светските медиуми од утринава ја пренесуваат веста дека Димитар Ковачевски е на патот да стане премиер на Македонија по неговиот избор за лидер на СДСМ. Интересот за оваа промена во владејачката партија е логичен, затоа што Зоран Заев стана фамилијарно име во европската политика по неговите храбри чекори за склучување договори со соседите, нешто што изгледаше речиси невозможно.

Логично е и што немаше ниту збор за за новите четири години на Христијан Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. За „континуитетот“ на водачите во опозиција во мала земја како Македонија никој не пишува. Тука нема ништо чудно.

„Независен“ сношти напиша дека едно од најинтригантните прашања за новата политичка клима во државава е дали овие двајца лидери ќе си честитаат меѓусебно. Нека биде тоа барем по телефон. И ако биде таа честитка куртоазна, сепак ќе може да придонесе за некакво намалување на тензиите и длабоката поделба во општеството. Но изгледа дека тоа се изгубени илузии за обичниот граѓанин.

Во подолгиот говор вчера по неговиот избор за уште четири години на чело на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „во целиот мој говор не ги искоментирав Зоран Заев и СДСМ никаде. Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа“.

Мицкоски се надева дека луѓето од СДСМ ќе се променат, затоа што на народот му било доста од поделби и конфликти, а во исто време оние од ВМРО-ДПМНЕ да останат исти. Затоа изгледаа совршено лицемерно овие негови зборови кога веднаш по објавувањето на резулатите од непосредните избори во СДСМ, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение во кое напиша дека имало „траорна атмосфера во СДСМ… Ковачевски е пион на Зоран Заев преку кој ќе продолжи да опстојува заевизмот… Ковачевски како преку индиго ги употребува истите зборови, истите флоскули и празни ветувања на губитникот Зоран Заев“. Слично соопштение партијата испрати и денеска утринава.

Па кому тогаш да му верува обичниот македонски граѓанин – на зборовите за „заеднички патриотизам“ на Мицкоски, дека е доста од поделби и конфликт, или на соопштенијата полни со политички отров што ги испраќа партијата чиј претседател е.

Мицкоски вчера најави дека неговата партија влегува во „втора епоха“. Тоа на некој начин би значело дека Љупчо Георгиевски и Никола Груевски и неговиот прв мандат би биле „пред нашата ера“, а сега ВМРО-ДПМНЕ со неговиот втор мандат влегува во некаков нов историски циклус. Мицкоски вели: „Во центарот на втората епоха се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата“. Ако се зборува за слободата на индивидуата, тогаш зошто врз новиот лидер на СДСМ и врз членовите на партијата кои гласаа на непосредни избори да се исфрла цистерна со катран. Од една страна Мицкоски вели дека „ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам“, а од друга неговата партија гневно го напаѓа изборот на новиот лидер на СДСМ определен од гласовите на членството, а не на конгрес со еден кандидат. Нема никаква елементарна логика во бранењето на либералните вредности и моменталното оцрнување на оние што се членови на друга партија.

Еден пасус во говорот на Мицкоски може да изгледа внимателно дистанцирање од неговите преходници во партијата. „Ентузијазмот од деведесетите се изгуби од човечкото оттуѓување, изневерените очекувања од политичарите… создаде поделеност кај луѓето, нивно занимавање со националистички теми, и понекогаш некои мои пријатели велат со право дека националистичките романтизми се коската фрлена од политичарите за создавање на завеса зад која се кријат криминалните интереси на тие кои управуваат со државата“. Ако е искрен во она што го зборува, тоа значи дека Мицкоски повеќе мисли на Георгиевски и Груевски, отколку на сдсмовските премиери. Ионака, од независноста повеќе години со Македонија владееше ВМРО-ДПМНЕ отколку СДСМ. Останува граѓаните да се уверат дали овие зборови на Мицкоски биле флоскули или нова концепција во идеологијата на партијата.

Ако има нова епоха во партијата, тогаш за државата треба да има „нов договор“. Терминот, секако, е позајмен од Френклин Рузвелт. Тој нов договор бил заедништво, нов општествен консезус на сите рамноправни чинители за нов заеднички патриотизам. Тоа била личната филозофија на Мицкоски, како што изјави. Мицкоски го знае телефонот на Ковачевски, може да се јави кај најверојатниот иден премиер и да рече дека во тој „нов општествен консензус на рамноправни чинители“ невкусно е она што го соопшти неговата партија – дека тој бил пион на Заев.