„Новартис“ се откажа од Азија, ќе гради фабрика за пеницилин во Австрија


„Новартис“ ќе инвестира 150 милиони евра во целосно интегрирана фабрика за пеницилин во Австрија, наместо да го премести производството во Азија, објави швајцарската мултинационална компанија.

Австриската Влада понуди да помогне во инвестицијата со 50 милиони евра во обид да ја задржи последната таква фабрика во Австрија, изјави австриската министерка за економија Маргарет Шрамбук на прес-конференција во Виена.

Австрија исто така бара финансиска поддршка од фондовите на Европската унија.

Кризата со Ковид-19 ги потенцираше опасностите од потпирање на Азија кога станува збор за фармацевтски производи, рече Шрамбук, осврнувајќи се на нарушувањата во синџирите за снабдување предизвикани од пандемијата.

– Затоа, наша стратешка должност е да обезбедиме клучни индустрии и да ја направиме Австрија поотпорна, истакна таа.

Фабриката во градот Кундл, во Тирол, Австрија, со која инаку управува подружницата „Сандоз“ на „Новартис“, произведува доволно пеницилин за да се задоволи целата европска побарувачка.

Претставници на „Сандоз“ изјавија дека тоа е последна фабрика во западна земја каде што се произведува пеницилин и се претвора во готов производ.