Нова надеж за болните од Алцхајмеровата болест: Новиот лек драстично ја успорува болеста


 

Можно е да сме на прагот на нова ера на лекување на Алцхајмерова болест. Имено, се покажа дека веќе вториот лек за помалку од една година ја успорува оваа болест. Експертите рекоа дека сега сме „на прагот“ на достапноста на лекови, нешто што неодамна изгледаше невозможно, пишува Би-Би-Си.

Фармацевтската компанија „Ели Лили“ објави дека нејзиниот лек – донанемаб – ја забавува стапката на Алцхајмерова болест за околу една третина. Меѓутоа, двајца доброволци, а можеби и третиот, починале како последица на опасен оток на мозокот.

Како функционира новиот лек?

Донанемаб работи на ист начин како и леканемаб, кој се најде на насловните страници низ светот кога се покажа дека ја забавува болеста. И двата се сведуваат на антитела како оние што телото ги создава за да ги нападне вирусите, но тие се дизајнирани да го чистат лепливото ѓубре од мозокот, наречено бета амилоид.

Амилоидот се акумулира во просторот помеѓу мозочните клетки, формирајќи ги карактеристичните плаки кои се еден од белезите на Алцхајмеровата болест.

„Децениската битка за пронаоѓање третмани кои влијаат на Алцхајмеровата болест се менува“, рече д-р Кет Мамери, шеф на клиниката за когнитивни нарушувања во Националната болница за неврологија и неврохирургија во Велика Британија, додавајќи:

„Сега влегуваме во период на модификација на болеста, каде што би можеле да се надеваме дека ќе лекуваме и ќе третираме некој со Алцхајмерова болест, со долгорочно лекување на болеста, наместо со палијативна нега и поддршка.

Што се знае за тестовите?

Целосните детали за тестовите на „Ели Лили“ допрва треба да се објават, но клучните наоди се познати:

– 1.734 луѓе учествуваа во најраната фаза од испитувањето за Алцхајмерова болест;

– донанемаб се даваше како месечна инфузија додека не исчезнаа карактеристичните плаки во мозокот;

– темпото на болеста се намали за околу 29 отсто вкупно и за 35 отсто во групата пациенти за кои истражувачите очекуваа да имаат најдобри резултати;

– оние кои го примале лекот имале и подобар квалитет на секојдневниот живот, на пр. способност да разговараат за тековни настани, да возат или да се занимаваат со хоби;

Сепак, отокот на мозокот беше чест несакан ефект кај дури третина од пациентите. Беше главно благ или асимптоматски и беше откриен на снимките на мозокот – но 1,6 отсто од пациентите развиле опасен оток на мозокот. На ова директно му се припишуваат два смртни случаи, а трет доброволец почина по таков настан.

„Охрабрени сме“

„Охрабрени сме од потенцијалните клинички придобивки што може да ги обезбеди донанемаб и покрај придружните ризици кои можат да бидат сериозни и опасни по живот, како и кај многу ефективни третмани за исцрпувачки и фатални болести“, рече потпретседателот на „Ели Лили“ за истражување и развој на неврологијата, д-р. Марк Минтун.

Компанијата најави дека во следните неколку месеци ќе започне процес на одобрување на својот лек за употреба во болниците.

Д-р. Лиз Култхард од Универзитетот во Бристол рече дека има значителни несакани ефекти и недостаток на долгорочни податоци, но лекот може „да им помогне на луѓето да живеат добро со Алцхајмерова болест подолго време“. Тоа што двата лека ја забавуваат болеста таргетирајќи го амилоидот во мозокот, исто така ги увери научниците дека се на вистинскиот пат по децении неуспех.

„Одлично е да се има два лека“

„Ова треба да ги отфрли сите сомнежи за овој пристап. Да се има два лека е одлично за конкуренција“, рече проф. Џон Харди од Институтот за истражување на деменција во Велика Британија, чија работа пред 30 години доведе до идејата за таргетирање на амилоид.

Д-р. Сузан Колхас од Alzheimer’s Research UK рече: „Сега сме на врвот на првата генерација третмани за Алцхајмерова болест, за која многумина мислеа дека е невозможна пред само десет години“.

Сепак, се чини дека овие лекови делуваат само во најраните фази на болеста – пред мозокот да биде премногу оштетен. И ако тие бидат одобрени во Велика Британија, сепак ќе биде потребна револуција во начинот на дијагностицирање на болеста за да се направи разлика, пренесе Индекс.хр.

Само 1-2 отсто од луѓето се подложени на скенирање на мозокот или анализа на спинална течност за да се утврди дали навистина имаат Алцхајмерова болест или друга форма на деменција против која лековите би биле бескорисни. Ниту трошоците не се занемарливи. Леканемаб чини повеќе од 21.000 фунти по лице годишно.