Нова коалиција во Бугарија – сменет претседателот на парламентот, следен е Кирил Петков

Во новото мнозинство влегоа жестоки идеолошки непријатели, па дури и формации кои протестираа едни против други. Во него се ГЕРБ, Има таков народ, ДПС и Преродба. Кабинетот на Кирил Петков на стаклени нозе


Во дебатата во собранието го фалеа, но мнозинството гласаше за негова смена: Никола Минчев

 

Во Бугарија една коалиција се урива друга се гради. Главен архитект е Слави Трифонов.

По бурната расправа од изутринава со 125 гласа за и 114 против парламентот го смени од неговата функција претседателот Никола Минчев. Одлуката за смена ја донесе новата коалиција што се формира – ГЕРБ, Има таков народ, ДПС и националистичката Преродба

Со глас „против“ Минчев го поддржаа сите пратеници на владејачката коалиција од партиите Продолжуваме со промената, БСП и Демократска Бугарија, како и петтемина одбегнати пратеници од Има таков народ.

Од денешната расправа во бугарското собрание за смената на неговиот претседател Никола Минчев во многу нешта ќе зависи и опстанокот на владата на Кирил Петков. Не само поради тоа што Минчев е од партијата на Петков, Продолжуваме со промената, туку и поради тоа што опозицијата собра повеќе од неопходните 121 пратеници, па ако наскоро има гласање за доверба на владата (како што се најавува) кабинетот на Петков ќе има многу мали шанси да опстане.

Премиерот Петков разговараше со новинарите во собранието неколку минути откако Никола Минчев беше разрешен од функцијата.

„Во овој парламент има ново мнозинство“, рече Петков. Според него, тоа се ГЕРБ, ИТН, Преродба, ДПС, преостанатите пратеници од ИТН.

„Преродба вее знамиња, а ДПС зборува за правата на сите Бугари и решија да се соединат. Сите се тука за политички игри, нема морал, но добрата вест е што ова го видоа сите Бугари“, рече премиерот.

„Сите што гласаа против господинот Минчев јасно ставија до знаење дека не им е грижа за оваа држава, тоа се маркетиншки фирми што лажат… Ние не се плашиме од избори, бидејќи луѓето што гледаат во моментов можат да имаат јасна претстава за тоа што се случува“, оцени Петков.

Дебатата во собранието беше бурна, имаше навреди, напаѓања, многи повеќе пофалби отколку критики за Минчев (дури и од политичките противници), а на политичкиот хоризонт се појави една нова коалиција во која влегуваат до вчера идеолошки непријатели, а главен мотор на  целата драма за „раскрстување“ со кабинетот на Петков е партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов. Дали поради Македонија, дали поради парите што беа секнати за неа со ребалансот на буџетот преку изведување на јавни работио дали поради нешто друго и нечии други интереси, но Трифонов и неговите партиски пријатели одеднаш влегоа во сојузништво со ГЕРБ, против кого и владата на Бојко Борисов протестираа пред две години, а се здружија и и архетипските политички непријатели – ДПС, партијата на Турците, Многу години во бугарската јавност се смета дека ДПС е едно од извориштата за корупција, а денес нејзиниот лидер Мустафа Карадај и други пратеници се најгласни во барањето за смена на Никола Минчев, а потоа и на владата на Петков и формирање ново мнозинство.

Во текот на дебатата се слушнаа некои нови работи. ГЕРБ изјави дека денешната расправа не била поради личноста на Минчев. Сите партии се согласија дека тој е добар професионалец и адекватно ја вршел функцијата. ДПС призна дека дека крајната цел е уривање на власта.

Главниот мотор за смена на Минчев од функцијата се од ИТН. Тие велат дека спикерот се обидел да ја натера нивната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска да изврши кривично дело за време на нејзиното сослушување за Северна Македонија во средата. Нивната теза е дека Минчев намерно дозволил да се отвори пленарната седница за министерката да открие информации од тајни документи и со тоа да стане ранлива.

Лидерот на ДПС, Карадај, го опиша кабинетот на Петков како најлош во последните 32 години и рече дека „не може да се владее со омраза“. Тој повика на аплауз за Минчев и рече дека спикерот е жртва.

Според него, ова што се случува со спикерот е „природен политички потег“ бидејќи владата ја изгубила довербата на парламентот.

„А потоа ќе биде и другиот природен политички потег – ќе биде прифатена вашата оставка, што е нормална последица на вашето однесување“, рече Карадај.

Во пленарната сала беше и владата на чело со Петков, кој ја откажа посетата на Азербејџан за да му помогне на спикерот на парламентот.

Водачот на ДПС ја обвини владејачката партија дека повикува на етничка припадност.

„Нашиот повик е да се спротивставиме на фирмите и луѓето кои ја ограбуваат оваа држава, без разлика на нивната етничка припадност“, одговори министерот за финансии Асен Василев.

Тој додаде дека ДП е во политиката 32 години и за неа гласаат луѓе кои се многу сиромашни. А во исто време, во партијата се луѓе кои се меѓу најбогатите во земјата.

„Ние не проповедаме против луѓето кои живеат во областите што гласаат за вас. Ние се бориме против луѓето чии банкарски сметки ги пополнувате со вашиот начин на владеење, вашите заткулисни договори и вашиот озлогласен дијалог. Овој разговор не е за добро за бугарските граѓани, и за тоа како да се краде безмилосно. Тоа нема да продолжи. Ние нема да влеземе во таков разговор со никого“, додаде Василев.

„Знам дека многу ве кочиме и ќе продолжиме да ве кочиме, без разлика дали сме на власт или не“, заклучи Василев.

Дали сега веднаш ќе следи и барање за доверба на владата ќе се знае во наредниот ден-два, а можеби уште денеска. Во целата оваа драма само еден важен човек молчи – претседателот Румен Радев. (Н.В.)