Нова градинка во Ново Лисиче, ветува Филиповски
Нова градинка, зелени површини, чистење со цистерни, младински центар, но и активни центри за стареење за највозрасните, подобрување на условите во основното образование со изградба на сензорни соби и нови велопатеки, вели вечерва од спортско-рекреативниот центар „Дупка“, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, Александар Филиповски.т
„Во Ново Лисиче ќе направиме нов објект на градинка, со што ќе се зголемат капацитетите за згрижување на нашите најмлади. Спортско – рекреативниот центар „Дупка“ ќе остане отворен, како што го паметиме сите и тековно ќе го одржуваме. Дополнително, ќе подигнеме нови зелени површини, а со цистерни, ќе обезбедиме почисти улици и јавни површини“, истакна Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром.
Вечерва, СДСМ одржа граѓански собир во спортско – рекреативниот центар „Дупка“, во Ново Лисиче, каде што се презентираа политиките за развој на овој дел од Аеродром.
Александар Филиповски истакна дека ВМРО – ДПМНЕ и Муцунски немаат контакт со реалноста. Затоа, нивната програма во најголем дел е препишана, нереална и неостварлива.
– Аеродром повторно ќе биде општина – ДОМ ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ. Затоа што планираме младински центар, но и активни центри за стареење за највозрасните. Затоа што подобрувањето на условите во основното образование значи и изградба на сензорни соби, со цел еднакви шанси и за учениците со попреченост. Затоа што ќе ги подобруваме сервисните улици, но и ќе правиме 20 километри нови вело – патеки, истакна Филиповски пред граѓаните.
Советничката листа на СДСМ и коалицијата во Аеродром ја предводи д – р Александар Трајановски – Коска. Тој напомена дека советниците на СДСМ ќе бидат секогаш достапни за граѓаните, а заедно со градоначалникот ќе инсистираат на реализација на програмата.
На граѓанскиот собир се обрати и Бојан Маричиќ, меѓународен секретар на СДСМ кој говореше за промените кои Социјалдемократскиот сојуз ги направи на национално ниво. Тој ја истакна и инвестицијата која денеска ја промовираше премиерот Заев.
– Започнува да се реализира најголемата инвестиција во историјата на македонската економија, вредна 500 милиони евра на германската компанија WPD. 69 ветерници ќе бидат поставени на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце – Крива Паланка, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер, истакна Маричиќ.