Нов Организациски одбор на Струмичкиот карневал треба да се избере до средината на јуни


Фото: Б. Грданоски

Нов Организациски одбор на Струмичкиот карневал треба да се избере до средината на идниот месец откако преку јавни дебати ќе се утврдат критериумите за избор на нови членови, а одлуката треба да ја донесе Советот на Општина Струмица.

Ова е заклучокот од денешната прва јавна дебата за избор на членови на ОО на Струмичкиот карневал. На неа учествуваа граѓани, членови на карневалски групи, претставници на институции и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Според него, на денешната прва јавна расправа биле дадени многу креативни решенија и било договорено да има уште една јавна дебата и потоа кон крајот на овој месец да биде објавен јавен повик за пријавување нови членови.

-Предложено е да имаме еден Карневалски одбор за кој бројката од сегашните 9 би ја зголемиле на не повеќе од 20 членови. Во самиот Карневалски одбор ќе има административно тело, креативно тело и тело за логистика и досегашните институции, како Општина Струмица, СВР Струмица, а како предлог произлезе и претставници од Музејот и од Центарот за култура, да имаат членови на новиот Карневалски одбор, што за мнозинството од денешната средба беше прифатливо, изјави по средбата градоначалникот Костадинов.

Инаку, досегашниот Организациски одбор на Струмичкиот карневал беше разрешен на седница на Советот на Општината на 14 март, откако на денот на одржувањето на главната карневалска вечер, на 1 март, Костадинов покрена иницијатива за разрешување на Одборот заради, како што беше објавено, дека никој нема право да чепка, разурнува или прави груби обиди за партизација на Карневалот.