Нов музејски грабеж во Германија: Украдени ордени на Маркс и Ленин
Од берлинскиот музеј Штази, кој се наоѓа во поранешното седиште на тајната полиција на Источна Германија, украдени се медали и накит во вредност од неколку илјади евра.
Провалниците во неделата наутро се качиле на покривот над влезот во берлинскиот музеј и преку скршен прозор на првиот кат влегле во зградата.
Искршиле неколку стаклени витрини и од нив зеле повеќе одликувања, вклучително и орденот на Карл Маркс, орденот на Ленин и Орденот херој на Советскиот сојуз, а потоа се спуштиле во канцеларијата на поранешниот шеф на Штази, Ерих Мелке, каде што се наоѓал накитот.
Меѓу ордените кои крадците ги зеле од музејот само еден, и тоа златниот Патриотски орден за заслуги бил оригинален, додека останатите седум биле реплики, пишуваат светските медиуми.
„Упадот на провалниците секогаш е непријатен бидејќи го нарушува чувството на сигурност, но што се однесува до вредноста на украдените експонати, речиси и да немаме причина за загриженост“, наведува директорот на музејот Јерг Дризелман.
Од управата на Музејот напоменуваат дека провалниците сигурно знаеле дека некои од медалите немаат голема материјална вредност, но дека без оглед на тоа дека ќе пронајдат воодушевување кај купувачите меѓу колекционерите на источногерманските сувенири.
Од накит се украдени обетки, прстени со бисери и скапоцени камења и златни часовници, воглавно предмети кои Штази ги одземал од жителите на Источна Германија кои се обидувале да побегнат од социјалистичката држава на Запад.
Од обединувањето на Германија, таквите предмети воглавно се вратени на првичните сопственици, а во музејот се наоѓаат само парчињата чии сопственици не било возможно да се пронајдат.
Овој инцидент се случи една недела по грабежот на музејот во Дрезден.
Тој грабеж според вредноста на украденото богатство е најголем во историјата, претекнувајќи го нерешениот грабеж на Гарднер музејот во Бостон пред 30 години, кога беа украдени 13 уметнички дела со вредност од 500 милиони долари.