Нов модел на Мицкоски за образованието: Честа се стекнува на улица, а не во училиште

Во тирадата против Амар Мециновиќ професорот Мицкоски рече дека честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш


Христијан Мицкоски на собирот во Карпош

 

Во кампањата се кажуваат многу работи, но некои преминуваат многу граници. Премиерот Христијан Мицкоски, кој е и професор на Машинскиот факултет, во кампањата за локалните избори во неделата во скопски Карпош ја отфрли улогата на образованието (па и на семејството) во формирањето на честа кај младите луѓе.

Во исто време кога бара од етничките Албанци да ги надминат етничките бариери и да гласаат за Македонец во Брвеница и Кичево во вториот круг, Мицкоски го оцени како „измамник“ Амар Мециновиќ од Левица, зошто не кажал дека ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во овие две општини.

„Ние знаеме, но добро е скопјани да запомнат со какви измамници имаат работа. Затоа што еднаш измамник цел живот измамник. Честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш, а меѓу нив е и честа и таа се брани на улица, но овој човек не само што не ја има таа чест туку тој има од кого да учи од неговиот ментор претседателот на таа политичка партија за која одамна вие знаете за каков измамник станува збор. Тие луѓе ја изгубија својата чест и ја немаат“, нагласи Мицкоски.

Па Мицкоски даде своја верзија за тоа како тој и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски тргнале на различни патишта. И тоа наликуваше како сторија од „Македонски народни приказни“.

„Пред четири години, во 2021 година, после првио круг на локалните избори дојде ненајавен исплашен во паника и нормално го примив. Велам ‘што е работата Стевче’, вели те молам ако треба и на колена ќе клекнам, те молам да ја имам вашата поддршка. Јас го гледам и велам ‘немој, непријатно ми е, сепак си човек во години не ти личи вакви работи, те молам седни на столчето, дај напиј се вода, ќе разговараме, да видиме како можеме да помогнеме, сепак сме коалиција, ние во првиот круг победивме’. Не, те молам пак ќе клекнам, што треба ќе направам, само да ме поддржите, вели народ може да те оправда, да те обели. Само народ може да ме обели да победам на избори и ништо не ми треба после. Велам Стевчо, имам едно барање до тебе сè друго те разбирам само те молам да нема бетонизација за Карпош, уморни се карпошани. Вели, ништо не ме интересира, само народ да ме обели. Заврши состанокот се вклучивме целото раководство во кампања, тој стана градоначалник. Поминаа неколку дена отидов да му честитам и ми вели дојди да ти покажам, една голема маса, кој била знае ги наредил сите детални урбанистички планови, 30 на ред и вика бирај. Што да бирам, му велам. Па,  кои се за тебе. Чекај Стевчо, нели беше кај мене во кабинет нели молеше да те поддржиме да застанеме зад тебе нели рековме нема бетонизација. А вика не тоа, јас морам да живеам од нешто. Го погледнав, само му се заблагодарив, не му велам, благодарам за ова од мене немаш поддршка и со заминав“, истакна Мицкоски.

После тоа разочаран, Мицкоски рече, Јакимовски почнал да го напаѓа неговото семејство, и ги потсети карпошани дека „станува збор за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал“.

Кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, ги отфрли сите овие наводи на Мицкоски.

„Да беше Пинокио, носот ќе ти удреше во крстот на Водно. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари“, му одговори Јакимовски на Мицкоски.

Тој вели дека не е точно оти му покажувал детални урбанистички планови на Мицкоски, и додава дека во првите 30 дена од мандатот немало ниту еден нов урбанистички план, затоа што општината била со блокирана сметка.

„А и да му покажев план, што би разбрал од него? Тој лаже дека дошол да честита победа.
Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од ‘Гранит’. Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон. Мицковски спомнува ‘пресуда’ – нема никаква пресуда! Постои само политички прогон за барака која денес е пренаменета во простор каде се згрижени деца од градинката ‘Мајски цвет’“, рече Јакимовски. (Н.В.)