Нов бисер од ВМРО: Власта намерно не купувала вакцини за да има криза подолго
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при посетата на компанија ФЈ “Инжинеринг” во Тетово, истакна дека власта намерно доцни со вакцинирањето за корона кризата да продолжи што повеќе, а тие да можат да ловат во матно.
-Не само дали се доцни, туку и колку се доцни со вакцинирањето. За жал Македонија е последна држава во Европа која што почнува со вакцинација, со една многу мала скромна бројка која што беше донирана од Србија и треба да знаат граѓаните дека денеска ќе почне имунизацијата и за два-три дена ќе заврши. Затоа што со овие 4 илјади дози ќе се вакцинираат 2000 луѓе и ќе заврши тука работата. А треба да се вакцинира некаде околу 60-70 проценти од населението, доколку сакаме Македонија да се заштити од корона вирусот. До овој момент, да имавме одговорна власт, а ја немаме, требаше Македонија да има откупено 2 милиони вакцини и милион луѓе да се вакцинираат, посочи Николоски.
Тоа е она што би го направила одговорна Влада, но неодговорна Влада го прави ова што го прави, рече Николоски.
-Еве јавно да прашам и да фрлам ракавица до власта, дали причината поради која не набавуваат вакцини е тоа што сакаат кризата да трае што подолго. Затоа што колку подолго трае кризата и овие рестрикции, толку подобро за власта, не може народот да излезе на улици и да протестира против оваа власт и да ја собори. Дали власта намерно не купува вакцини со цел кризата да трае подолго и да можат да ловат во матно, дециден е Николоски.