Нотарите имале аргументи за десеткратното поскапување


 Нотарската комора на РСМ е подготвена подетално да ги презентира анализите и аргументите за потребите од измените на тарифата. Доколку, министерот за правда има аргументирани причини за укинување на измените на нотарската тарифа, секако тоа може да го стори во рамките на своите законски надлежности, но со тоа нема да го реши проблемот на граѓаните, ниту пак на нотарите.

Ова е дел од денешната реакција од Нотарската комора, по најавите за повлекување на последните измени на нотарската тарифа, што треба да започне со примена од 1
септември 2024 година.

Во реакцијата се посочува дека нотарската тарифа во ниеден случај не може да биде скриен процес, од причини што, како и секоја претходна, така и оваа е донесена во законски пропишаната процедура, која траела половина година.

– По однос на новите измени, треба да се има предвид дека нотарската тарифа не само што не го пратеше трендот на пораст на платите, животните трошоци, стапката на инфлација и вредноста на правната работа, туку напротив во овие 25 години, истата во континуитет е намалувана во 2010, 2016 и 2019 година. Влијание на измените на нотарската тарифа има и фактот што од воведувањето на нотаријатот донесени се низа закони со кои се зголемуваат обврските на нотарите, што само по себе повлекува нови вработувања во нотарските канцеларии, а нотарската тарифа паралелно се намалува. Што значи, нема никаков рационален соооднос и економска исплатливост за функционирање на нотаријатот како независна и самостојна јавна служба, се наведува во соопштението од Нотарската комора на РСМ.