Номиналниот БДП идната годинава ќе биде над 10 илјади долари по жител, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека номиналниот домашен бруто производ по жител идната година ќе надмине 10 илјади долари. Одговарајќи на прашање на новинарите по увидот на градежни работи поврзани со проектот градски воз, за тоа до каде е анализата на Владата во однос на инфлацијата и дали во наредниот период може да се очекуваат некакви мерки, Мицкоски рече дека „мерките се случуваат во цело време и тоа во одредени месеци влијае позитивно“.
Тој повтори дека во октомври инфлацијата ќе биде нешто над трендот изминатите месеци, односно дека ќе се движи меѓу 4 и 4,5 проценти поради ниското ниво минатата година. Потсети дека во октомври лани беа донесени мерки за замрзнување на маржите.
„Но, потоа очекувам пристојно намалување во ноември и во декември, така што просечната годишна стапка на инфлација оваа година ќе заврши меѓу 3,5 и 4 проценти, што е една од најниските во Европа и во регионот“, рече Мицкоски.
Истовремено, додаде дека очекува следната година нивото на инфлација да се движи меѓу два и три проценти.
Од друга страна очекува растот на реалниот домашен бруто-производ да биде над 3,5 проценти, а на номиналниот (во кој е вклучена и стапката на инфлација, заб.) над 7,5 проценти.
„Ќе се приближиме до целта на оваа Влада, а тоа е до крајот на мандатот да имаме бруто домашен производ од 20 милијарди долари. Таа бројка ќе ја стигнеме веќе следната година и оваа година за прв пат номиналниот домашен бруто – производ по глава на жител ќе имаме петоцифрена бројка во долари. Односно, над 10 илјади долари ќе биде домашниот бруто-производ по глава на жител“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека со тоа стартешките цели кои што ги планирале за крајот на мандатот на оваа Влада ќе бидат реализирани следната година.
„Што е добро и охрабрувачки. Тоа е практично и дел од извештајкот на Европската комисија за напредокот на земјата, но исто така и сите меѓународни финансиски институции ги нивелираат и ги зголемуваат прогнозите и проекциите за раст на економијата во државата“, рече Мицкоски.