Ноев: Бугарски политичари ги влошуваат односите со Скопје заради интересите на Кремљ


Бујар Османи и Николај Милков

Во Бугарија има политичари кои ги бранат интересите на Кремљ, сакаат да се одалечиме од Европа и ги расипуваат односите со Северна Македонија, вели поранешниот бугарски министер за одбрана и безбедносен експерт Бојко Ноев.

– Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека во реалноста има бугарски политичари кои ги влошуваат нашите односи со Северна Македонија и им даваат причина на македонските власти да најдат оправдување за конфликти со бугарските граѓани и македонските Бугари. Има бугарски политичари кои сакаат да бидеме одвоени од Европа и да ги браниме интересите на Кремљ, изјави Ноев за бТВ.

За заканите од Софија за нова блокада на евроинтеграцијата на Скопје, Боев вели дека „никогаш немало вето за Северна Македонија“. Клучниот услов на Бугарија, како што посочува Боев, е правата на македонските Бугари да бидат заштитени и почитувани како на сите други народи во Северна Македонија, а додека тоа не се случи, нема европска иднина за земјата.

– Афирмацијата на македонскиот идентитет е на сметка на забраната на се што е бугарско, што се одразува и на луѓето во Република Северна Македонија, кои се сметаат себеси за Бугари. Македонските власти се правдаат дека не можат да направат измени во Уставот за признавање на правата на македонските Бугари. Но, во исто време тие за неколку дена донесоа закон против Бугарите, рече Ноев.

Според него, промената на Уставот треба да е главен услов за европската перспектива на Северна Македонија. Со сосема обратни тврдења се јави озогласената поранешна шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, во чие време ескалираше спорот со Македонија. Таа во интервју за БГНЕС оцени дека претседателот Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина туку им  служи на политиките на Србија и на Русија на Балканот. Захариева притоа  бара остра реакција од Бугарија на изјавите на претседателот 

„Бугарија мора да има многу дефинитивна и остра реакција на изјавата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. За жал, ова не е првпат да дава остри изјави кои не помагаат во развојот на билатералните односи“, вели Захариева, која во моментов е  претседателка на Комисијата за надворешна политика. 

Во врска со односите меѓу двете земји, таа се согласува дека тие треба да се смират, но веднаш додава дека за тоа пред сè е потребна соработка од официјалните власти во Скопје бидејќи, како што вели, без нивна помош „ескалира тензијата кон македонските Бугари“.

За предлогот на Пендаровски до Владата наС Македонија на еден европратеник и уште неколку други бугарски државјани да им биде забранет влез во земјава, таа вели оти искрено се надева дека македонската Влада нема да го почитува неговото барање бидејќи тоа многу повеќе ќе ги ескалира билатералните односи.

„Ова ќе им служи на оние бугарски политичари кои не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ. Некои од нив исто така не помагаат за нормализирање на односите“, вели Захариева.

„Слушнавме извинување од министерот Османи, но не и од нивниот премиер“, додаде околу посетата на нашиот шеф на дипломатијата на Софија, нагласувајќи дека Пендиков и останатите граѓани со бугарска самосвест живеат во неизвесност во Македонија. Според неа, не е првпат да има физичко насилство врз македонските Бугари и тие секојдневно се подложени на вербален притисок, а тоа се случувало со одобрение на властите во Скопје.

„Факт е дека Христијан Пендиков не се чувствува безбедно и се плаши да се врати. Факт е дека повеќе сакал да се лекува во Бугарија. Тоа е исто така многу индикативно за неговата доверба во овие посети и зборови. Тоа е нула. Во недостиг на дела, зборовите не се доволни“, вели Захариева.