Ноер се прости од репрезентацијата


Голманот и поранешен капитен на германската фудбалска репрезентација, 38-годишниот Мануел Ноер во средата објави дека ја завршува својата репрезентативна кариера по 124 настапи за Маншафт.

„По долги и интензивни разговори со моето семејство и пријателите, решив да ја завршам кариерата во репрезентацијата. Секој што ме познава знае дека тоа не беше лесна одлука“, објасни Ноер.

Со оваа одлука Ноер им се придружува на Тони Крос, Томас Милер и Илкај Гундоган. Последниот меч за селекцијата го одигра во четвртфиналето на еврото во Штутгарт, кога Германија по продолженијата беше поразена од идниот европски првак Шпанија со 1:2.

Тој е под договор со Баерн до крајот на сезоната 2024/25, со цел последен пат да стигне до финалето на Лигата на шампионите на Алијанц Арената во Минхен. Пред Баерн играше за Шалке 04 (2001/05, потоа професионално од 2005 до 2011 година), а за националниот тим за прв пат играше на 2 јуни 2009 година во Дубаи на пријателски натпревар (7:2) против Обединетите Арапски Емирати.

Тој се етаблира како стартен голман на Маншафт во пролетта 2010 година, само неколку недели пред почетокот на Светското првенство во Јужна Африка 2010 година. Во 2014 година со репрезентацијата на Германија го освои шампионатот во Бразил.