„Њујорк тајмс“: САД знаеле за бунтот на Пригожин уште во средата


Уште во средата високи функционери за национална безбедност на САД имаа докази дека основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се подготвува да преземе воена акција против руското Министерство за одбрана. Ова го пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање.

„Информациите се сметаат за сигурни  и загрижувачки поради можноста големиот американски ривал со нуклеарно оружје да западне во хаос“, продолжи американското издание.

Не се знае точно кога САД првпат дознале за плановите на Пригожин. На одржаниот брифинг минатиот четврток со претставници на претседателската администрација и на Пентагон мала група конгресни лидери биле информирани за настаните  додека се зголемуваа доказите. Во моментот на разговорот, соговорниците не знаеле каков ќе биде резултатот од воените дејствија на Пригожин, но тие биле загрижени за тоа како тоа може да влијае на контролата на рускиот нуклеарен арсенал.

Според „Вашингтон пост“, првите сигнали за бунтот се појавиле веќе во средината на јуни. Се чини дека одлуката е донесена откако Министерството за одбрана побара од сите „волонтерски“ организации (ова ги вклучува и приватните воени компании) да потпишат договори со него.

Американскиот претседател Џо Бајден минатиот октомври зборуваше за опасноста што Владимир Путин би можел да ја претставува доколку се чувствува во ќош, потсетува весникот. Во овој случај – за разлика од месеците пред Русија да ја нападне Украина, кога објавувањето на информациите имаше за цел да го запре Путин – упатените стравуваат дека ако кажат нешто, рускиот претседател може да ги обвини за организирање државен удар. Тие, исто така, немаа интерес да му помогнат на Путин да ги открие пукнатините во неговата поддршка. Во исто време, тие знаат  дека Пригожин е непредвидлив лидер.

Нивната анализа на растечката расправија меѓу Пригожин и Министерството за одбрана  откри дека она што се случува е јасен знак за внатрешните тензии предизвикани од војната во Украина и неуспехот на Москва да ја снабдува војската. Според еден војник кој зборуваше за „Њујорк Тајмс“, тензијата е показател за тоа колку лошо оди војната, и за Вагнер и за редовната армија. Исто така, можно е Путин да му дал на Пригожин лажен впечаток дека може отворено да дејствува против војската. Оценката на американската влада за текот на битката кај Бахмут е дека е голема веројатноста Пригожин да им наредил на руските единици да ги поддржат силите на Вагнер.