Низ Македонија одбележан Светскиот ден на белиот стап, посветен на слепите лица и лицата со проблеми со видот
Претставниците на Лајонс клубовите од Скопје, Битола, Прилеп и Куманово, го одбележаа 15.октомви – Светскиот ден на белиот стап, посветен на слепите лица и лицата со проблеми со видот.
Во Скопје, преку интерактивна вежба со очила кои симулираат различни оштетувања на видот, беше презентирано колкава привилегија е видот, како и нужната потреба од соодветна инфраструктура за непречено движење на слепите лица по јавните површини.
Во Битола, Прилеп и Куманово се одржа марш преку кој се испрати порака за разбирање и солидарност со слепите лица, како и потребата да им се даде поддршка и овозможи што е можно понезависен живот и нивно самостојно функционирање.
Сите овие настани имаат за цел подигнување на свесноста за предизвиците со кои се соочуваат слепите лица и апел до надлежните за преземање активности во насока на олеснување на животот на оваа категорија лица.
Лајонс клубовите се сметаат за „витези на слепите лица“ и одбележувањето на Светскиот ден на белиот стап е само една од активностите кои ги преземаат за давање поддршка на слепите лица во насока на олеснување на нивното секојдневие.