„Ниска пропаганда“: Бајрам Реџепи од НАИ ја отфрла соработка со Левица во Тетово


Бајрам Реџепи

 

Наводната фотографија за средба на претставник на коалицијата околу ДУИ и кандидатката на Левица за градоначалник на Тетово е невистинита и е ниска пропаганда – така кандидатот на НАИ, Бајрам Реџепи, ги оквалификува обвинувањата од ривалската коалиција „Вреди“.

Неговиот противкандидат во вториот круг, Билал Касами, денеска ги повикаа жителите на општините Тетово, Дебар и Струга и на секоја друга општина каде Албанците се мнозинство дека гласот што на 2 ноември ќе го дадат за НАИ е всушност глас за Левица, за антиалбанство и за политички срам. На фотографијата објавена во дел од медиумите, се гледа претставникот на НАИ во Тетово, Арди Исмаили, на средба со кандидатката на Левица, Катка Божиновска, која испадна од изборната трка во првиот круг.

„Сакам да ја информирам јавноста дека фотографиите што кружат на социјалните мрежи, поврзани со една изборна средба, како и начинот на кој тие тенденциозно се толкуваат во некои медиуми, се целосно невистинити, злонамерни и со јасна пропагандна заднина“, вели Реџепи во писмената реакција.

Тој вели дека станува збор за редовна изборна активност, на која тој заедно со сопругата и активистки од Форумот на жената на НАИ, учествувале на промотивен настан со жени интелектуалки од градот, а во рамките на претставувањето на изборната програма.

На настанот, како што наведува Реџепи, учествувале голем број жени од Тетово, но кандидатката на Левица не била меѓу нив. Тој додава дека настанот бил одржан во ресторан во центарот на градот и целосно јавен и оти секој обид да му се дадат други политички конотации е неоснован, тенденциозен и одвратен.

„Овој низок чин зборува повеќе за менталитетот на нарачателите на оваа ниска пропаганда отколку за самиот настан. За разлика од другите, нашата коалиција за Тетово од самиот почеток е со граѓаните и за граѓаните. Немаме што да криеме, ниту потреба да клеветиме. На 2 ноември во Тетово ќе победи слободниот и чесниот глас, а Тетово конечно ќе може слободно да здивне“, вели Реџепи.

Во вториот круг од локалните избори, во трка за градоначалник се кандидатите на „Вреди“, Билал Касами, и на НАИ, Бајрам Реџепи. Во првиот круг, Касами освои 19.028, а Реџепи 15.272 гласа.