Ништо од штедењето, буџетот е со рекордни 5,89 милијарди евра, дефицитот скокна на 720 милиони

Приходите се проектирани на 5,17 милијарди евра, за 130 милиони евра повеќе од основниот буџет. Сето тоа во услови на намалена економска активност


Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ги презентира проекциите за ребалансот на буџетот

 

Владата стокми ребаланс на Буџетот кој ќе тежи рекордни 5,89 милијарди евра (постојниот е околу 5,5 милијарди евра), со огромен буџетски дефицит кој од 585 се зголемува на 720 милиони евра. Приходите во Буџетот се проектирани на 5,17 милијарди евра, за околу 130 милиони евра повеќе од основниот буџет.

Сето тоа во услови на намалена економска активност годинава, односно со проектиран раст на домашниот бруто производ од 2,1 отсто наместо првично проектираните 3,4 отсто.

Инфлацијата годинава се предвидува да биде на ниво од 3,5 отсто. Растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот.

Ова се главните поенти на денешната прес-конференција на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на која таа ги презентираше проекциите за приходите и расходите во државата каса до крајот на годината. Нејзина генерална оцена е дека состојбите кои биле затекнати во Буџетот биле крајно лоши.

„Лошата состојба во буџетот ги надмина и нашите очекувања, затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови, буџет кој е список на желби, наместо креиран развој, предимензионирани плаќања, економијата е во клиничка смрт“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа посочи дека се ревидирани макроекономските проекции, односно растот на домашниот бруто производ годинава ќе изнесува 2,1 отсто, што е ревидирање надолу од првично планираните 3,4 проценти.

„Остварувањата во првиот квартал од 2024 година како и одредени статистички индикатори за вториот квартал јасно покажуваат дека првично проектираниот БДП е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 проценти, додека пак растот на нето платите е предвиден за 13 проценти“, рече министерката.

Таа посочи дека во првиот квартал од 2024 година економската активност забележа реален раст од 1,2 проценти со што продолжи динамиката од претходните кваратали, која резултираше со низок просечен раст од 1 процент во текот на 2023 година.

Индустрискиот сектор во истиот период забележа пад од 1,2 проценти, градежната активност пад од 2,5 процвенти, земјоделскиот сектор регистрира двоцифрен пад од 19,7 проценти, по падот од 15,3 проценти во претходниот квартал, со што продолжуваат негативните остварувања во овој сектор, оцени Димитриеска-Кочоска.

Исто така, нето извозот бележи негативен придонес врз економскиот раст во првиот квартал годинава, во мај извозот на стоки бележи пад од фрапантни 21,6 проценти.

Растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот.

Димитриеска-Кочоска рече дека во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и на енергијата, како и поумерен притисок од базичната инфлација.

„При подготовка на ребалансот се тргна од неколку претпоставки, односно колку средства може да се прераспределат во веќе постоечкиот Буџет од ставки кои бележат слаба реализација, планирање на средства за кои иако имало законска обврска, не биле планирани, како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот“, рече Димитриеска Кочоска.

Таа појаснии дека врз основа на направената прераспределба се обезбедени околу 20 милијарди денари, а дополнително уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на досепаните обврски, како и на обврски кои биле законски, а не биле планирани.

„Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари“, рече Димитриеска Кочоска.

Елаборирајќи ги новите буџетски проекции, таа рече дека вкупните приходи во буџетот се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди 22 милиони денари.

„Ова зголемување е резултат на повисоко остварување на придонесите, а се темели на зголемување на платите во дел од јавните институции, како и очекувањата за раст на платите во приватниот сектор. Исто така, планирано е зголемување на даночните приходи од сопствени сметки“, рече Димитриеска Кочоска.

Буџетските расходи се планирани во износ од 362 милијарди и 816 милиони денари, односно на расходната страна има зголемување од 19 милијарди и 178 милиони денари.

Притоа, како што посочи Димитриеска-Кочоска, со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од инситуциите имало планирано плати до јуни.

Според Димитриеска-Кочоска биле евидентирани сериозни пробелми во овој дел кои се резултат на индивуидуалниот пристап на претходната влада за платите, што ќе бара темелна анализа и носење на сериозни одлуки.

Во однос на расходите таа рече дека 5 милијарди денари се предвидени за исплата на пензиите.

„Тука мора да напоменам дека планираните средства за 2024 година би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари. Значи, реално евиденција на пензиите од декември имаме во јануари“, рече таа.

На овој начин нереално бил прикажан помал буџетски дефицит за 2023 година во износ од 7 милијарди денари и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст.

„Обезбедивме средства и за гаранции, односно со ребелансот се обезбедни 5,1 милиијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски инситуции во име на државни и јавни претпријатија, како ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ кои не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции. Согласно закон, Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата. Последиците од крајно расипничкото работење во овие претпријатија повторно паѓа на товар на граѓаните. Како и да е, за тоа треба да има одговорност“, рече Димитриеска Кочоска.

За исплата по судски решенија се обезбедени 600 милиони денари, односно, како што посочи , штетите кои ги трпи буџетот по основ на извршни исправи е огромен за што само за 2023 година биле исплатени 1,6 милијарди денари.

„Станува збор за различни предмети, пред сѐ повреди од Закон за работни односи, односно префрлање на вработени од едно на друго место кои тужеле и добиле“, рече министерката, додавајќи дека други 3 милиони евра се однесуваат на извршни исправи кои се исплаќаат на изгубени предмети на Судот за човекови права. 

Поради зголемување на каматите поврзани со Еуролоборот предидени се над 800 милиони денари.

Димитриеска-Кочоска рече дека во следните четири години, односно во периодот 2024-2028 година вкупниот долг или отпалата која што треба да ја направи државата само по основ на камати е 1,8 милијарди евра.

Обезбедени се една милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, којашто претходната влада ја знаела, но не ја обезбедила во буџетот, потоа 322 милиони денари за ДИК за исплата на медиумите кои не биле испланирани, а согласно Изборниот законик за нив постои законска обврска, 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии исто така законска обврска која не била предвидена.

За капитални инвестиции во општините се предвидени 6 милијарди денари.

Министерката се осврна и на обврската за исплата на 132 милиони денари кон фондовите на ЕУ поради констатирана злоупотреба на средства од страна на ОЛАФ, во Националната агенција за мобилност, а како што рече тука има и други средства во помали износи кои што МФ ги враќаше повторно како резултат на злоупотреби.

„Притоа немаме никакви информации од Обвинителството до каде се постапките за наплата на овие побарувања, кои што реално тие што ги злоупотребиле треба да ги вратат“, рече Димитриеска-Кочоска.

 

Зборувајќи за предложените расходи во ребалансот на Буџетот, таа рече дека 143 милиони денари се наменети за декапеата како законска обврска, за МРТ 150 милиони денари која исто така не била предвидена, за транзициски трошоци за втор столб 400 милиони денари, за здравствено осигирување за пензионерите 879 милиони денари, 1,7 милијарди за ФЗО за исплата на доспеани обврски и боледувања, за субвенции на земјоедците 1,7 милијарди денари кои што исто така се доспеани.

„На овој начин по повеќе години земјоделците ќе ги добиваат субвенциите навреме“, рече Димитриеска-Кочоска.

Други 550 милиони денари се предвидени за ваучери во спортот кои се законска обврска, а не биле воопшто планирани, како и 80 милиони денари за Биро за развој на образиование, односно за учебници за да се стартува годината и секое дете да има учебник.

„За Мој ДДВ обезбедени се 1,3 милијарди денари кои не беа обезбедени во постоечкиот Буџет и од тука може да заклучите дека претходната влада не се грижела ниту за вработените, за пензионерите, земјоделците, спортистите, младите, а воедно не преземала ништо да го сопре грабежот во јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост“, рече Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека со овој ребаланс новата влада ќе ја подобрела состојбата на огромен број граѓани и бизнис заедницата вклучително земјоделците, младите, старите, спортистите…

За Димитриеска-Кочоска е несфатливо дека на сопствените сметки на дел од институциите имало речиси 14 милијарди денари или повеќе од 200 милиони евра.

„Секоја инситуција треба да разбере дека извршува јавна дејност, троши народни пари и од таа причина треба да настапува домаќински. Тоа значи дека овие средства треба да ги користат со цел да го намалат оптоварувањето во Буџетот. Имено, за овие средства се земаат кредити за кои годишната камата е речиси 13 милиони евра. Сметам дека секоја институција треба да ги провери своите закони согласно со кои располага со сопствените сметки и истите да ги користи за тековни или капитални расходи со цел да се намали оптоварувањето во Буџетот“, рече таа, додавајќи дека во овој момент тие пари стојат на сметки без никаков позитивен ефект, напротив само креираат трошоци. 

Министерката, сепак, и покрај сите предизвици во ребаланост е убедена дека буџетот за 2025 година ќе донесе нова надеж и многу подобро и подомаќинско планирање, како и реализирање на проекти кои ќе имаат додадена вредност во целата економија преку што граѓаните и бизнис заедницата ќе почувствуваат позитивни ефекти и подобар животен стандард.

Според Димитриеска-Кочоска, изменувањето и дополнувањето на Буџетот во 2024 година е насочено кон ревидирање на иницијалните фискални приоекции во согласност со макроекомските движења во првата половина од годината, реструктуирање на буџетските расходи за сервисирање на најприоритетните обврски, како и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

За таа цел, како што посочи, за време на вчерашната седница на Владата предложила неколку заклучоци кои биле усвоени, а со кои се задолжуваат буџетските корисници и единките при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во Буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.

Исто така, се задолжуваат јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори претходно да побараат мислење од МФ, потоа при имплементација на Буџетот буџетските корисници да не преземаат обврски над обезбедните средства со Буџетот за соодветната фискална година; оние буџетски корисници кои остваруваат самофинансирачки активности и имаат неискористени средства на салдо на сметки тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да се финансира со корисетње на средства од сопствените сметки.

На општините, јавните претријатија и трговските друштва во државна сопственост, им се препорачува да ги консолидираат финансиите, односно да преземат активности за наплата на сопствените активности како и да ги намалат непродуктивните трошења.