Ништо од пругата Крива Паланка – Деве Баир, повлечени претставниците во комисијата за избор

Министерот Александар Николоски рече дека најголем дел од седумте учесници на тендерот биле несериозни дека некој од нив стои зад обидот на поткуп


Пругата кон Бугарија со децении е незавршена приказна

 

Изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија, односно делницата од Крива Паланка до Деве Баир, е ставена ад акта, откако денес Министерството за транспорт и Јавното претпријатие Македонски железници инфраструктура ги повлекоа претставниците во Комисијата за избор на надзор и изведувач што требаше да ја заврши работата овој месец. Ова, како што образложи на прес-конференција министерот Александар Николоски е резултат на претходно изнесените обвинувања од страна на премерот Хрисстијан Мицксоки за обид на поткуп на целиот процес. 

„Тоа е најмалку што можеме да направиме за да сфатат сите кои што се обидуваат да направат поткуп дека со нас нема играње“, изјави Николоски. 

Министерот за транспорт отиде чекор понатаму, покажувајќи со прст кон учесниците на тендерот дека некој од нив стои зад обидот на поткуп преку нивни посредници и за кои кажа дека во најголем дел се несериозни компании.

„На овој повик има пријавено седум учесници, од кои што најголем дел од нив можам да кажам дека се несериозни. На овој повик нема пријавено ниту еден учесник од сериозна земја членка од ЕУ. До тука можам да кажам бидејќи процесот е доверлив. Мислам дека тоа кажува какви компании учествуваат и – да, тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби кај членовите на евалуациската комисија“, рече Николоски.

Тој посочи дека со оглед на тоа што се сериозни, ја прекинуваат постапката со тоа што ги повлекуваат членовите од комисијата. 

„Утрово во координиран настап со ЈП Македонски железници инфрастуктура, а после последните сознанија кои што беа изнесени и во јавноста одлучивме да ги повлечеме членовите кои што се претставници на Министерството за транспорт и на ЈП Македонски железници инфраструктура од евалуациските комисии кои што треба да извршат избор на надзор и избор на изведувач за изградба на третата фаза од делницата на изградба на пруга кон Бугарија“, рече Николоски.

Тој посочи дека остануваат целосно посветени на изградба на пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, но како што рече, за тоа да се направи мора да има „проект кој што е изводлив, проект кој што може да се изгради на теренот, проект кој што може да биде завршен, проект за кој што ќе има заеднички договор со Република Бугарија, а не проект кој што ќе завршува во тунел кој што нема да оди на другата страна“.

Николоски рече дека за ова било разговарано со претставници на Европската унија, како и со претставници на двете банки кои што преку кредит го финансираат проектот, односно Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

„Очекувам во една заедничка соработка помеѓу македонската и бугарската влада, во соработка со ЕУ и со претставниците на банките да изработиме проект кој што ќе значи изградба на пруга кон Бугарија, а нема да значи неизградба на пруга кон Бугарија“, рече Николоски, додавајќи дека постојниот проект не бил реален, односно не бил изводлив и не може да биде завршен.

Но во врска со ваквото негово тврдење изнесе невообичаени аргументи – дека третата делница претставувала „подвиг во смисла на градежен подвиг“, односно затоа што „треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри“. Тој повтори и дека проектот за кој што претходно во една долга постапка во која учествуваа и ЕУ и посочените финансиски институции, бил прескап, односно е проценетата вредност е некаде 23 милиони ева по километар.  Трето, како што нагласи од страна на Бугарија не е завршена нивната работа.

„Имајќи го предвид сето ова како и компромитирањето на проектот, решивме утрово да ги повлечеме членовите“, рече Николоски додавајќи дека силно се борат против криминалот и корупцијата и нема да дозволат во Македонија да има криминал и корупција. 

Тој исто така нагласи дека очекува во иднина да соработуваат и со ЕУ и со Бугарија и со банките за овој проект да се реализира, но на реален и изводлив начин.

Запрашан дали тој лично, како и премиерот бил предмет на обид за поткуп, Николоски не одговори децидно, велејќи дека од сѐ што го кажал на прес конференцијата е доволно јасно за што станува збор.

Инаку, завчера премиерот Мицкоски на прес-конференција рече дека имало обид за поткуп за да го потпише тенедерот за пругата кон Бугарија што истекува на 17 септември, не прецизирајќи дали обидот бил пријавен во МВР и во Јавното обвинителство. Подоцна од овие две институции не беше потврдено дека таква пријава имало до нив. 

Тендерот за избор на изведувач на третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до бугарската граница беше објавен во декември лани. Истовремено, во тек беше и процесот за избор на надзорен инженер и на консултант за техничка помош на инвеститорот (ЖРСМ Инфраструктура).

Тендерската постапка за избор на изведувач требаше да се заокружи во третиот квартал на 2024 година, а според предвидената динамика, активностите на терен требаше да почнат во 2025 година. Лани беше посочено и дека постапката за експропријација за оваа делница е во тек.

Средствата во износ од 560 милиони евра како проценета вредност за оваа делница се веќе обезбедени, со грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ од по 175 милиони евра.

Третата делница всушност е и најтешката и со неа требаше да се заокружи проектот за изградба на пруга кон Бугарија, процес што трае веќе три децении. Другите две делници кои што се во тек се Куманово – Бељаковци и Бељаковци – Крива Паланка, а инвестицијата за овие две фази изнесува околу 200 милиони евра.