„Ништо нормално“- нова збирка раскази на Симона Јованоска


Денес од печат излегува збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска, во издание на Или-Или. „Ништо нормално“ е книга бр. 244 во популарната едиција ПРОаЗА, а дизајнот на корицата е на Соња Станковска.
 

По два романа и една книга за деца, со „Ништо нормално“ Симона Јованоска повторно се враќа на жанрот што мајсторски го владее – расказите.

Во фокусот на овие дваесетина раскази е малиот човек. Со оваа книга како да добиваме специјална влезница за качување на еден волшебен килим кој има моќ, од една страна да нè носи на панорамска прошетка на која ќе ни ги покаже безбројните лица, маски и преобразби на човекот, а од друга, да нè опреми со микроскопско-воајерски увид во неговите желби, стравови и (не)сигурности преку кои одново и одново се испитува значењето на тој, колку безначаен, толку и значаен збор: НОРМАЛНО.

Со ширината на имагинативноста за градење нови светови, преку вешто изградените впечатливи ликови, ситуации и приказни, овие раскази многу умешно пипкаат секаде каде што нè боли – и како поединци, и како општество, вели Наташа Атанасова (уредничка и авторка во порталот за книжевност БЛЕН)

Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг.

Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“.

Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“ а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.

Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ (Или-Или,) е прогласен за „Роман на годината“  за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.

Во 2022 во издание на „Чудна шума“ ја објавува книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“.

Во 2024 година го објавува вториот роман „Леска Брезоска“ во издание на „Или-Или“.