Николовски: Кадровската смена нема да се одрази на реформите и работата


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој со најавената реконструкција на Владата ќе ја напушти министерската функција откако неодамна беше поставен за генерален секретар на владејачката СДСМ, вели дека кадровската смена нема да се одрази на реформите и активностите во ресорот каде смета дека работите се добро поставени, изграден е сериозен систем и се одвиваат сите проекти.
Како што изјави денеска Николовски, конечното повлекување од министерската функција зависи од тоа кога мандатарот ќе ги заврши преговорите по однос на другите министерства. Ветува дека ќе даде максимална поддршка за успешно продолжување на работите. Со премиерот ќе разговараат за кадарот кој би можел да го замени во Министерството за земјоделство и смета дека ќе биде важно неговото мислење.
– Она што е сигурено е дека јас повеќе нема да бидам министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Мислам дека тука работите се поставени и изграден е еден сериозен систем и оти сите проекти се ставени на „лента“. Убеден сум дека до крајот на годината ќе следи интензивна реализација и во делот на она што го договоривме со Светска банка и во делот на ИПАРД , сите промени, програми и политики и сметам дека овде ќе продолжат да функционираат работите, изјави Николовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за предложените измени на Законот за земјоделско земјиште.
Според него, нема опасност неговата смена да се одрази на реформите и работата во МЗШВ. Веќе го запознал премиерот со состојбата во сите сектори и политиките во ресорот.
– Заеднички констатиравме дека сето тоа мора да продолжи и оти е постигнат сериозен напредок. Ова е сериозна институција. Прво од моите барања е да продолжат политиките без никаков застој, напротив со уште поголем мотив. Ја ќе ја дадам целокупната моја поддршка. Второ мое барање беше доколку одам на друга позиција да бидам ослободен од оваа заради тоа што секоја работа што ја правам сакам да и се посветам целосно. Убеден сум дека тука ќе продолжат работите паралелно, изјави Николовски.