Николовски: Ако СДСМ се откаже од затворање на ВМРО-ДПМНЕ и уште утре ќе се договориме за СЈО


Битката за Специјалното јавно обвинителство се води околу тоа дали нелегалните активности за затворање на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги легализираме или не, изјави потпретседателот на партијата Александар Николовски во интервју за телевизијата Алсат М.

Според Николовски, доколку власта сака да постигне консензус за СЈО природно е да прифати дел и од позициите на опозицијата, односно на ВМРО-ДПМНЕ.

– Главно недоразбирање е тоа што власта бара да се најде начин да се легализираат нелегалните активности на СЈО. Тоа е е парадокс бидејќи инстиутуцијата што требаше да се бори против нелегални активности и самата влегла во нелегални активности и сега властта се обидува со закон тоа да го промени, што поставува прашање за правната сигурност, изјави Николовски.

Нагласи дека не може да дозволат легализирање на дејствијата што ги презело СЈО после законскиот рок од 18 месеци затоа што тие се во функција на забрана на партијата со судска одлука.

– Не можеме да дозволиме рокот што го има пробиено Специјалното јавно обвинителство, а тоа е 18 месеци од примањето на материјалите, и законските дејствија што ги презеле после овој рок да бидат легализирани. Со тоа не можеме да се согласиме. Тоа не значи, како што вели власта, амнестија за криминалот, затоа што ако некој сторил било какво кривично дело, има обвинителство што може да го гони. Тоа е прво. И второ, единствен случај што е отворен после рокот е случајот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, каде целта е да се забрани нашата политичка партија со судска одлука, изјави Николовски.

Посочи дека сега битката се води дали нелегалните активности за затворање на ВМРО ќе ги легализираме или не, додека за се друго не постојат недоразбирања.

– Ако СДСМ се откаже од планот за затворање на ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека и утре може да се договориме, изјави Николовски.