Николоски во Тиквешијата за празникот Свети Трифун
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, денеска од Неготино го честита големиот празник Св. Трифун и посака многу добар род и добри откупни цени.
На одбележувањето на, како што нагласи, најзначајниот празник за целиот Тиквешки Регион, Николоски посочи дека „убавите вести веќе стигнаа“ и дека „Владата ја заврши својата обврска и дека целосно се исплатени субвенциите за сите оние кои што макотрпно работат, произведуваат.“
„Цените оваа година се навистина добри, а се надевам дека следната сезона ќе имаме уште подобри цени и така секоја година ќе одиме нагоре, затоа што трудот мора да се цени и мора да стимулираме домашно производство“, изјави Николоски.
Николоски, исто така, изрази задоволство што нашите компании, како што посочи, веќе се конкурентни на меѓународниот пазар.
„Пред неколку дена бев сведок во Париз како македонски винарии рамo до рамо со најдобрите европски винарии се натпреваруваа и навистина беше гордост да се биде таму, да се види како навистина рамо до рамо со европските компании и винарии имаат врвен квалитет и во некои производи се дури и подобри, односно се пред европските винарии“, изјави Николоски.
На одбележувањето на празникот Св. Трифун во Неготино, Демир Капија и Кавадарци со Николоски е и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.