Николоски вели дека Пецаков ќе има историски најголема победа во Охрид


 

,,Во Охрид ќе имаме историски најголема победа на 19 октомври, Кирил Пецаков реализираше бројни проекти и е првиот градоначалник на општината што има далеку поголема поддршка за разлика од првиот пат кога бил избран“, истакна вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на средба со охриѓани.

Тој рече дека претходната власт му правела опструкции на Кирил Пецаков.

„СДСМ соочена со пораз, не само што не помагаше, туку реално и одмагаше, не само во однос на проекти, не само во однос на автопатот Охрид-Кичево, туку и во однос на општината. Во такви услови, со три години влада на СДСМ и ДУИ, Кирил Пецаков, успеа да ја раздолжи општина Охрид и успеа да реализира бројни инфраструктурни проекти“.

Николоски најави дека има план за рехабилитација на патот Битола-Ресен-Охрид и обиколница кај Ресен со цел побрзо да се патува до Битола. А и автопатско поврзување на Охрид со Струга.