Николоски: Струмица ќе добие специјален финансиски пакет ако биде избран кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ


 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денес изјави дека по изборот на  кандидатот за  градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, Петар Јанков, општина Струмица ќе добие специјален финансиски пакет, надвор од она што Владата го префрла во повиците за поддршка на локалните самоуправи. Тој не кажа дали овој финансиски пакет ќе важи ако кандидатот на СДСМ победи во Струмица.

Николоски во Струмица ги спомена двете најголеми инфраструктурни инвестиции, од кои едната е изградба на експресен пат, додека втората е поврзување на двата паневропски коридори.

„Тука се секако двете најкрупни инфраструктурни инвестиции, првата е изградба на експресен пат, кој што треба да оди од Радовиш до Струмица, како Струмица целосно би била поврзана со главниот град Скопје, или со експресен пат или со автопат. Втората е поврзување на двата паневропски коридори, Коридорот 10 во Македонија и Коридорот Струма во Бугарија, преку изградба на експресен пат кој што ќе оди од Смоквица, под Валандовско брдо, ќе излегува кај Кутлеш обиколница на Струмица, Ново Село на граница со Бугарија“, рече Николоски.