Николоски прашува: Какви се правата на Македонците во Бугарија?


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денес оствари посета во Тетово каде што на медиумите ја коментираше изјавата на бугарски дипломат кој  бара права на Бугарите во Македонија.

„Најмал проблем е чии права ќе бидат прифатени, затоа што Македонија е демократско општество и секој човек треба да има индивидуални права. И никој во Македонија никому не прави проблеми да се идентификува како што сака и да го зборува мајчиниот јазик кој што мисли дека му е мајчин јазик. Прашањето е друго, какви се правата на Македонците во Бугарија? Зошто Македонците не можат да се произнесат како Македонци во Бугарија и зошто не можат да го зборуваат македонскиот јазик, ниту да имаат училишта на македонски јазик“, запраша Николоски.

 Николоски додаде дека  прашање е зошто Бугарија не ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Стразбур што бараат да се регистрираат македонски здруженија на чело со „ОМО Илинден“ и „Пирин“ и да се овозможи здружување на национална македонска основа, како и образование на македонски мајчин јазик.

-Тоа е прашањето за Бугарија, иначе Македонија од демократски стандарди е неколку скалила над Бугарија, порача тој.