Николоски очекува Европската комисија да излезе со решение за проблемот со превозниците
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски очекува проблемот што го имаат превозниците за нивниот престој во земјите на Шенген зоната да се реши од страна на Европската комисија. Тој денеска на собраниската седница посветена на пратенички прашања, рече дека вчера остварил средба со неговиот хрватски колега, од кого добил поддршка за решавање на проблемот на превозниците, а таква поддршка имало и од ресорните министри на Грција и на Бугарија.
„Очекувам Европската комисија во скоро време да изнајде решение за проблемот со превозниците на состанок со нас министрите за транспорт од регионот. Имаме меѓународна подршка од земји од ЕУ и за доброто на целокупната економија е да се изнајде решение“, истакна Николоски на одговор на пратеничко прашање.
Тој посочи неколку можни решенијата кои се понудени како алтернативи.
„Едно е да се применува истото правило кое се применува за пилотите и кабинскиот персонал, како и машиновозачите и персоналот во возовите, а тоа е дека за нив овие правила не важат. Втората варијатна е помалку прифатлива, а тоа е да се одложи овој систем за една година, па во овој период да се бара решение. Третата варијатна е да секоја земја членка на Шенген зоната издава работни визи за транспортерите, нешто што сега го прави Швајцарија или четврто решение кое Европската комисија би го понудила“, рече Николоски.
Тој предупреди дека немање решение на проблемот ќе биде сериозен удар врз транспортните компании имајќи предвид дека просечно во текот на годината тие имаат околку 240 до 250 работни денови. Николоски потенцира дека ова ќе има влијание и врз извозот во Велика Британија како втор трговски партнер на Македонија, односно ќе се запре или драстично намали ланецот на снабдување.
„Ние за оваа работа реагираме цела година. Претседателот на Владата имаше директни разговори со претседателката на Европската комисија, исто така министерот за надворешни работи, исто така и јас разговарав во Брисел со Комесарот за транспорт, со Директорката за транспорт и мобилност, но за жал во тој момент не се најде решение и еве ескалира ситуацијата“, рече Николоски, додавајќи дека се обидуваат да помогнат колку што можат.
Николоски рече дека вчера бил во официјална посета на Загреб каде што разговарал со потпретседателот на хрватската Влада за овој проблем.
„Благодарен сум затоа што покрај заедничкото соопштене од вчера, денеска излезе на прес конференција и побара Европската комисија да го реши овој проблем и целосно застана на наша страна. Исто така имав средба со претседателот на Стопанската комора на Хрватска, како и средби во Саборот. Понатаму разговарав три пати и со министерот од Грција со кои ги споделивме овие идеи затоа што и тие се директно загрозени, а во Бугарија без разлика што Владата е во оставка, досегашниот потпретседател на Владата и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов, јавно излезе и побара Европската комисија да го реши овој проблем“, истакна Николоски.
Решението на проблемот е упатен до Европската комисија, додаде вицепремиерот, бидејќи прашањата на визината политика во рамки на Шенген зоната е целосно препуштено на Европската комисија.