Николоски: Градиме целосно нов автопат меѓу Тетово и Гостивар

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 порача дека се гради целосно нов автопат меѓу Тетово и Гостивар.
„Ова што сега ние го нарекуваме автопат всушност е експресен пат каде што има две + две ленти кои се допираат на средина и се одвоени со ограда. Овој автопат оди комплетно по линијата на сегашниот експресен пат и некаде пред Гостивар го заобиколува и оди над Вардар, тука веќе можат да се видат и мостовите, поминува покрај ридот Градиште кај селото Бањица и ја следи линијата на железничката, практично тука се пробива автопатот кој што треба да излезе од другата страна кај Букојчани“, вели Николоски.
Тој исто така најави дека автопатот до граничниот премин Блаце ќе биде готов до почетокот на 2029 година. Како што додаде, таму работат со Европската банка за обнова и развој.
„Рокот за поднесување на понуди е до 30 септември, сега завршува а потоа ќе правиме селекција заедно со Европската банка за обнова и развој. И зависно од бројот на понуди очекувам меѓу ноември и почетокот на јануари да биде воведен изведувачот на работа“, додаде Николоски.
Зборувајќи за брзата пруга тој објави проценка дека таа ќе чини околу 8,8 милиони евра за километар или целиот проект – околу 1,8 милијарди.
„Првичната проценка е дека некаде 8,8 милиони евра по километар, финалното проектирање затоа што ќе одиме со заедничко проектирање и градба, тоа е тоа што сега модерниот свет го прави, да не работи еден проект, друг градба туку тоа го спојуваме во едно“, додаде Николоски.