Никола Мицевски зборуваше дека родилката од Дебар била „демонтирана“, па се извинуваше

Мицевски им се извини на „сите граѓани на државата и на пратениците“, но заборави да ѝ се извини лично на жената од Дебар за која беа изречени грубите зборови


Фото: Б. Грданоски

 

Работите навистина отидоа предалеку, рече ноќеска малку пред полноќ координаторот  на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, обраќајќи му се на својот колега од СДСМ, Јован Митревски.

И тие навистина отидоа предалеку кога во својата процедурална интервенција Мицевски, настојувајќи да го обвини СДСМ за сѐ што може, ја вметна на исклучително груб начин родилката од Дебар и нејзината тажна приказна кога ѝ беа извадени неколку органи при лекарската интервенција во Струга. Тој  рече дека таа била „демонтирана“.

„Јас мислев дека и оваа родилката ќе ја припишете на некои од докториве од ВМРО-ДПМНЕ… оваа родилкава од Дебар. Со извинение, демонтиравте пола жена и судството најде за сходно дека таму нема ништо“, рече Мицевски.

По неколку минути ја разбра тежината на своите груби и навредливи зборови што имаа многу лош ефект во пленарната сала, па во процедурална интервенција на говорницата неколку минути подоцна се извини.

„Доблесен сум и се извинувам за несреќно изречениот израз за жената од Дебар. По цел ден дебата се извинувам за изречениот израз што го употребив. Го повлекувам својот збор и им се извинувам на сите граѓани на државата и на пратениците“, рече Мицевски.

Но тој заборави лично да ѝ се извини на родилката од Дебар.

Инаку, заврши расправата околу предлогот за разрешување на министерот за здравство, Беким Сали, и пред да заврши денешната целодневна сесија беше отворена точката за разрешување на министерот за информатичко општество Адмирим Алити.

Дебатата беше и како минатите денови. Во основа прилично здодевна, неинтересна и полна со сите можни обвинувања на опозицијата дека владата е неспособна и корумпирана, додека пратениците од мнозинството се јавуваа со збор единствено за реплики. Седницата продолжува  в петок во 11 часот.