Никола Груевски: Стејт департментот подлегна на неточни информации

Поранешниот премиер чувствувал голема неправда поради одлуката на Стејт департментот, бидејќи никогаш не работел за личен финансиски и материјален интерес


Фото: Б. Грданоски

 

Со одредена доза на резигнираност поранешниот премиер Никола Грувески реагираше на одлуката на САД да биде ставен заедно со други лица на нивната црна листа поради „значителна корупција“ и, како што изјави Ентони Блинкен, „ја загрозуваат регионалната стабилност, прогресот и европската интеграција“. Груевски во реакцијата на Фејсбук вели дека за оваа одлука се зборувало „подолго време“ и дека за тоа лобирале македонските власти.

Груевски, наспроти американските тврдења за неговата голема корупција, вели дека „никогаш не работев за личен финасиски или материјален интерес“, дека Џорџ Сорос вложил многу пари и напори да ја собори неговата влада и дека ќе продолжел да се бори за Македонија. И дека неговото владеење иритирало многу земји.

„Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на блаканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници, како што на пример беше Џорџ Сорос, кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев.

Жалам за одлуката на Стејт департментот која ја објавија денес, а меѓу другите се однесува на мене. Наводите кои се наведени заради кои сум ставен на листата се неточни информации на кој се подлегнало и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект, иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финасиски или материјален интерес“, вели Никола Груевски додавајќи дека ќе се бори да ја докажел вистината.