Никој не верува дека нема пари во буџетот за поголеми плати, беше речено на собирот на наставниците

Министерката Јаневска тврди дека СДСМ не ги зголемила платите на наставниците, иако тие за седум години пораснаа за 55 отсто. Филипче зборуваше на собирот


Розалија Ангеловска, наставничка (Фото: Б. Грданоски)

 

Повеќе десетина наставници денеска се собраа пред Министерството за образование на протест за да реагираат на најавите на владата дека нема да има зголемување на платите, согласно колективниот договор, затоа што во буџетот немало пари. Собирот беше со поддршка на СДСМ.

Во своето обраќање, Розалија Ангеловска, наставничка рече „да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација. Едно општеството може да оди напред само ако водиме грижа за зголемување на квалитетот на образованието.

Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес. Бараат да бидат вклучени во подготовките на сите реформски процеси, да го дадат својот придонес за образованието. Ако можеше седум години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува. Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците во септември за 12 отсто“.

Петре Трајковски, наставник, истакна дека „ветувања за подобри услови за живот, поголеми плати, наставниците добиваа и од актуелната министерка Весна Јаневска кога беше опозиција. Седна во удобната фотелја и заборави на наставниците. Евентуално, вели, во март наредната година.

Изминатите седум години секоја година се зголемуваа платите и зголемувањето стигна до 55 отсто. Ако во 2016 година основната платата на наставниците во основно образование изнесувала 21.100 ден., од септември 2023 год. таа изнесува 33.640 ден. Во 2016 година основната платата на наставниците во средното образование изнесуваше 21.950 денари, а од септември 2023 год. таа изнесува 35.200 ден.

Никој да не лаже дека немало пари за поголеми плати во образование.  Пари има, прашањето е на приоритети. Образованието мора да е приоритет“, рече Трајковски.

На насобраните им се обрати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за да им даде поддршка на наставниците.

„Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ни ги учат и воспитуваат децата. Оправдувањата дека нема пари во буџетот се неприфатливи. Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори.

Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12 отсто. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму.

Буџетот има пари, но платите не се приоритет. Економијата нема да расте како што најавуваат и ќе создадат се потежок живот за граѓаните и работниците“, рече Филипче.

Речиси истовремено, во Министерството за образование министерката Весна Јаневска држеше прес-конференција на која рече дека наставниците се во право и си ги бараат и бранат своите права. Таа нагласи дека „целосно застанува на нивна страна. Зголемување на платите и за наставниците и за сите други се планира за следната година штом, како што рече, државата ќе може да го издржи товарот“.

Според неа, протестот го организира партија, која кога била власт, не обезбедила средства ниту за исплата на плати, а не пак за нивно зголемување.

„Недолично е, дозволите да употребам збор, безобразно е, по само два месеца власта која не обезбеди доволно пари да се исплатат платите ги повикува наставниците на протест за нивно покажување. Ние обезбедивме огромни средства да им ги исплатиме платите“.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Сергеј Попов, во изјавата рече дека: „Фијаско на СДС пред МОН, само 20-ина активисти на партијата дојдоа на најавениот голем партиски протест. Филипче ја нема поддршката ниту на своите членови, а не пак на народот. Кој го излизга Филипче со идејата за протест е нешто на кое што треба да си бара одговори самиот.

Факт и реалност е дека СДС беа власт до пред 2 месеци, тие ги имаа сите можности да ги зголемат платите на наставниците и тоа не го направија. Наставниците знаат дека од СДС се лицемерни“.

Со своја реакција се јави и Јован Деспотовски, кој беше кандидат за претседател на СДСМ со изјава на Фејсбук, наводно по барање на повеќе медиуми.

Иако ги оправдува барањата на наставниците за зголемување на платите, тој вели дека „денешниот протест на дел од образовните работници, организиран од моментното партиско раководство на СДСМ воопшто не помага на реалната потреба за зголемување на платите. Еднаш мораме да разбереме дека ако сакаме нешто реално и остварливо за луѓето, треба да бидеме исклучително внимателни со политичките чекори. „Се создава впечаток дека правиме обид за групирање дел од просветниот кадар под партиското знаме, што е мешање против кое токму СДСМ се бореше пред десетина години“.

Од протестот се оградија од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Во денешното интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на СОН, Јаким Неделков, изјави дека наставниците нема да штрајкуваат иако нема ветување за повисоки плати. За сега се преговара, но не е исклучена и оваа можност. СОНК ќе чека министерката да излезе со предлог до средина на септември, а тврди дека до сега не добиле никаков одговор освен дека нема пари во буџетот.

„Ние ги барме тие 12 проценти согласно законот за минимална плата и тука нема ништо спорно. Нема пари во буџетот, еве сега со септемвриска плата би прифатиле некој процент останатите од јануари претпоставувам кога би имало таков предлог“, рече Неделков.

Според него, основната плата без никакви додатоци во основното образование е 33. 500 денари, а во средното 34.600 денари. (Н.В.)