Ни трага од УКИМ на Шангајската листа. Македонските универзитети изгубени во шумата

Најдобро пласиран универзитет од балканските земји е Белградскиот универзитет. Тој е на позициите помеѓу 401 и 500 место


Фото: Б. Грданоски

 

Организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“ го објави Академското рангирање на светските универзитети за 2025 година, познато како „Шангајска листа“. И годинава, меѓу најдобрите илјада универзитети во светот, нема ниту една високообразовна установа од Македонија.

На врвот на листата повторно доминираат американските универзитети. Харвард е рангиран на првото место, Стенфорд на второто, а Институтот за технологија Масачусетс (МИТ) на третото, што е идентичен пласман како и изминатите две години. На четвртото место е Кембриџ од Обединетото Кралство, додека петтата позиција ја зазема Калифорнискиот универзитет – Беркли.

Србија и годинава има претставник на листата и тоа Белградскиот универзитет, кој се наоѓа на позициите помеѓу 401 и 500 место. Рангот му останува ист како и минатата година и е највисоко пласиран универзитет од балканските земји.

Љубљанскиот универзитет се наоѓа на позициите меѓу 501–600. И овој пласман е непроменет во однос на ланската ранг-листа.

Хрватска го има Загрепскиот универзитет, кој годинава бележи пад и се наоѓа меѓу 601 и 700 место, за разлика од лани кога беше рангиран помеѓу 401 и 500 место.

Грција е на листата меѓу најдобрите 1000 со четири универзитети. Највисоко котираат Аристотеловиот универзитет во Солун и Националниот и каподистријански универзитет во Атина (601–600), потоа следува Универзитетот во Крит (801–900), а на последно место е Универзитетот во Патра (901–1000).

Освен македонски, Шангајската листа не содржи ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија или пак, Косово.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека очекува во овој мандат на владата македонските универзитети „да се приближат напред кон првата илјадарка на Шангајската листа”.

„Очекувам младите научници да продолжат во таа насока да се однесуваат, односно да ги користат овие бази на научни списанија и да ги следат светските трендови, а со тоа да публикуваат понатаму свои научни трудови и со тоа да придонесат нашите универзитети да се приближат напред кон првата илјадарка според Шангајската листа на универзитети, којашто е една од најважните репер листи во светот, и очекувам тоа да се случи во овој мандат на оваа Влада. Ние како влада правиме сѐ“, рече Мицкоски.

„Шангајската листа“, позната и како Академска ранг-листа на светските универзитети (ARWU), ги оценува високообразовните институции врз основа на истражувачките перформанси преку шест индикатори. Тие ги вклучуваат бројот на добитници на Нобелова награда и Филдсова медали меѓу поранешните студенти и вработени, бројот на високоцитирани истражувачи, објавени трудови во списанијата Nature и Science, како и трудови индексирани во главните цитатни бази. Секој индикатор има своја тежина, а највисоко рангираниот универзитет добива 100 поени, додека пласманот на останатите се пресметува како процент од таа оценка.

Од јуни годинава, најдобриот македонски Универзитет Св. Кирил и Методиј (УКИМ), повеќе не е рангиран ниту на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот која ја креира Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) од Обединетите Арапски Емирати. Минатата година УКИМ се наоѓаше на 1990-то место на оваа листа.