Ни Руанда веќе нема лични карти какви што бара Беса во Македонија


Предлогот на Беса излегува од тоа што е договорено со Рамковниот договор (Фото: Б. Грданоски)

Во најголемиот дел земји во светот внесувањето на етничкото или расно потекло, па дури и религијата, се смета за основа за дискриминација, а само кај нас се смета за право и привилегија

 

Слободанка Јовановска

Предлогот за внесување на етничкото потекло во личната карта, освен што ги разбранува страстите во државата, покажа дека нема крај на ваквите експерименти кои не нѐ унифицираат со светот, туку нѐ прават експеримент држава. Освен фактот дека предлогот доаѓа од Беса, маргинална политичка партија која тешко дека ќе влезеше во парламентот ако не беше дел од изборната коалиција на СДСМ, и која патем не покажува никаква активност, таа очигледно нема ни што да понуди, па се фаќа за старите националистички прашања. Со оглед на тоа дека предлогот на Беса излегува од тоа што е договорено со Рамковниот договор, неговото прифаќање би било и политички преседан кој ќе отвори врата за други вакви небулози, според кои ќе нѐ пишуваат во посебни графи во светот, кога ќе ги анализираат фактите за државите.

Најголемата небулоза притоа е што во најголемиот дел од земји од светот внесувањето на етничкото или расно потекло, па дури и религијата, се смета за основа за дискриминација, особено што историјата покажала дека таквите групни категоризирања ги олесниле во голема мерка етничките чистења, поради што земјите  бегаат од нив како ѓавол од крст.

Во Европската унија трендот е да се исфрла сѐ што може да „обележи“ некоја група, а податоците што се собираат за етничкото, расно или мигрантско потекло да подлежат на регулативите за заштита на личните податоци. Кај живее Беса, на која планета, и како смета дека со тоа што секој ќе знае кој е Албанец во државата, во банка, во болница, во продавница…ќе ги зголеми правата на овие граѓани во Македонија, покрај тоа што ќе направи колатерална штета од останатите? Анализата на светските искуства покажува дека само во политички нестабилни и поделени општества малцинствата се идентификуваат групно во личните документи, а искуствата се толку лоши од ваквите практики што дури и Авганистан и Руанда го избришаа етничкото потекло од личните документи.   

Една обемна студија на универзитетот Јеил во САД, која го проучувала овој проблем, тврди дека етничкото идентификување во личните документи е олеснувачки фактор за дискриминација, па и повеќе – деиндивидуализација, дехуманизација, демонизација кои водат до етничко чистење и геноцид, иако не мора. Таквиот концепт на расна основа го напушти дури и Јужноафриканската Република, а поради лошиот глас од нејзината политика на расен апартхејд, во светот масовно се напушта и собирањето на податоци врз основа на расното потекло на граѓаните. Во истата студија, Македонија се споменува како пример меѓу ретките други земји само поради употребата на  двојазичноста на личните документи, а сега очигледно ќе отиде и чекор натаму.

Кога Грузија се обидуваше да го внесе етничкото потекло во документите, доби предупредување од Советот на Европа дека тоа ќе биде кршење на Европската конвенција за национални малцинства, па тогашната влада ретерираше. А, таквата идеја им падна на памет пред две децении и повеќе. Единствената разлика меѓу тоа што го планирала Грузија и ова што го бара сега Беса е што кај нас таа опција треба да биде довроволна, а не задолжителна. Како и да е, тоа не го оспорува фактот дека поради безидејните националистички партии во Македонија, место да ги прифаќаме цивилизациските придобивки и добрите искуства, ние и натаму ја влечеме земјата назад, губејќи си време и енергија на поларизирачки теми.

Во Европската унија трендот е да се исфрла сѐ што може да „обележи“ некоја група, а податоците што се собираат за етничкото, расно или мигрантско потекло да подлежат на регулативите за заштита на личните податоци

За поголем дел од јавноста внесувањето на етничкото потекло во личните карти е глупа идеја која покажува дека и технички, а не само политчки, сме назад од светот. Анализата на ваквите документи низ светот покажува дека трендот е спротивен од она што го правиме ние тука, односно место да се политизира ова прашање тоа се прагматизира, дигитализира и се менува во правец на олеснување на животот на граѓаните.

Па, така, додека ние расправаме дали во личните карти да стојат Албанци, Македонци или други групни потекла, во светот личните карти се дигитализираат, се рационализираат и ги вклучуваат во себе и другите документи (како возачки дозволи, картички за здравствено или социјално осигурување…), имаат кодови за пристап до владини е-сервиси (издавање изводи, документи, аплицирање за социјална помош, за правни услуги и слично), содржат крвни групи, па се користат и како кредитни картички во некои земји. Освен што со нив се олеснува издавањето лични документи, бидејќи место десет се вади еден, се отвора простор и за намалување на администрацијата која сега го уништува со бројноста стопанството во Македонија.

Има ли некој во Беса што сфаќа дека, освен национализам, треба и нешто од што ќе се живее и нешто што треба да се рационализира? Им паѓа ли на памет дека место етничко потекло може да внесат внатре и код за пристап во библиотека или дигитален потпис на документи, како што има Белгија, која е земја со три големи етнички групи и една од трите такви во Европа заедно со Македонија. Или, пак, да побараат лични карти како тие во Колумбија кои се издаваат како пластична картичка, но и како мобилна апликација, или како во Естонија кои покрај тоа што овозможуваат електронски потпис се и пропустица за интернет банкарство во земјата и, поактуелно за нас, за интернет гласање. За да не се расправаат партиите со денови кај нас кој гласа, со каков документ, колку бројат тие на избирачките листи, или поактуелното деновиве – дали да им се верува на податоците за тие што се надвор од државата, а ќе бидат вклучени во пописот.

Генерално, податоците покажуваат дека само дваесетина земји во светот последните десетина години имале етнички, расни или религиски афилијации во личните документи, но тој број се намалува постојано. Меѓу нив беше и Грција, која и покрај силното влијание на црквата, ја тргна религијата од личните доументи со поддршка на Европската унија.

Притоа, за разлика од кај нас, етничкото потекло во демократските држави се смета за процес а не статичен концепт, така што брзо ќе се постави прашањето за етничкото потекло на децата на Македонците по државјанство што имаат брачен партнер од некоја друга етничка група или раса или земја. Со ваквиот предлог на Беса се отвора долгорочен проблем, бидејќи тоа што се смета сега за новостекнато право со време ќе стане кочница и за граѓаните и за државата, бидејќи позитивни искуства од ваквата практика во светот воопшто нема.