Ни недостасува култура на почит кон уметноста и дизајнот : Лидија Георгиева за првиот ангажман како костимограф
Креативниот предизвик не беше проблем, туку големо задоволство, но и покрај возбудата, сепак, работата на филм за мене беше и голема одговорност, вели за Независен, Лидија Георгиева
„Филмот е сепак, сосем друга индустрија, но исто како и во модната, не трпи грешки, се работи за строго определен буџет и календар во којшто мора да влезат сите фази на истрага, креација, реализација и подготвеност на разни изненадувања и непредвидени барања во самиот тек на снимањето“, вели во интервју за Независен, дизајнерката и професор Лидија Георгиева со завидно домашно и странско портфолио, за својот прв ангажман како костимограф, во новиот филм на Срѓан Јанаќијевиќ, со работен наслов „Касапско оро“.
После многу колекции, ревии и театарски претстави, дојде и првиот филм. Како се одлучивте?
За овој прв филм на Срѓан, разговаравме пред неколку години. На идејата и на сценариото веќе се работеше, но реализација требаше да биде во текот на 2020та, така што бевме спречени поради околностите. Меѓу нас постои долгогодишна синергија и повеќе соработки за театарски претстави и други проекти. Имаме изградено наш процес на работа, па еве дочекавме да ни се случи и филм. Креативниот предизвик не беше проблем, туку големо задоволство, но и покрај возбудата, сепак, работата на филм за мене беше и голема одговорност. Одлуката да се нафатам се заокружи кога ја составив најдобрата можна екипа, на која сум многу благодарна. Имав задоволство да се потпрам на филмски ветеранки како Зорка Тодорова-Младеновиќ и Жаклина Крстевска Караѓозоска, кои со своето искуство несебично ми ги олеснуваа деловите од работата за кои не бев сигурна како треба да се постапи.
Филмот е сепак, сосем друга индустрија, но исто како и во модната, не трпи грешки, се работи за строго определен буџет и календар во којшто мора да влезат сите фази на истрага, креација, реализација и подготвеност на разни изненадувања и непредвидени барања во самиот тек на снимањето.
Која е разликата, а која допирната точка меѓу костимографијата и модниот дизајн?
Современото облекување и суптилностите во јазикот на облеката се мојата страст и специјалност. Тоа е заедничкото – јазикот на еден изглед е истиот без разлика дали е театар, реален живот или филм, боите и формите го говорат истиот јазик. Но секако постојат разлики, во зависност од тоа дали комуницирате со некого физички, од удобното театарско седиште или во кино сала. Камерата има свој удел во создавањето на сликата, екранот покажува детали кои не се гледаат во театар, притоа актерот дава драма и живот, значи една навигација од микрокосмос во макрокосмос, ако може така да се каже. Во реалниот живот, говорот на облеката е органски, нема режија, а во текот на снимањето, колку и да бев сигурна дека се е подготвено, се случуваше додека бевме на терен, да се побара од мене додатен костим или некое решение на моментален проблем. Тогаш мора да се работи брзо, екипата не смее да чека, па искуството, смиреноста и креативноста се многу важни.
Каде завршува црвениот килим и гламурот, а каде започнува макотрпната работа?
Да, знам, модата и генерално облекувањето неретко се перцепираат како нешто површно, шупливо светкаво, па малку луѓе знаат колку всушност работа, истрага и размислување има во една дизајнерска постапка. Но секако и самата реализација е процес, особено во нашата земја. За овој филм имав предизвик да создадам и реализирам костими кои не е лесно да се набават. Покрај креативните очекувања на режисерот и мојата упорност точно да се сугерира ликот, се обидов успешно да ги придружам глумците во оформувањето на истиот, а кога сме на иста линија, таа интеракција е прекрасна. Но тука проблем беше сите желби и потреби на режисерот, на глумците и на филмот да се ускладат со буџетот. Магионичарските трикови не помагаат, мора да се потпреме на сопствените магични стапчиња.
Како е да се работи за писта, а како за филм?
Сосем друга категорија, друга возбуда, друга вибрација – но раскажувањето приказна постои како константа и во двете. Дијалогот со режисерот и со глумците е прекрасен процес, заедно разговараме и ги откриваме карактерите слој по слој, внимателно го одбираме костимот. Но тука се многу важни и додатоците кои ги носи, тие некогаш дури и повеќе зборуваат за ликот. Во интерес на персонализирање, секој костим беше рачно, посебно изработен. Иако денес шопингот е општо прифатена пракса, тука само дел од облеката е купен, а и тој дел беше потоа подложен на преработка, јас сепак инсистирав да се персонализира костимот.
Иако изгледа дека е купен ако се загледате ќе забележите дека всушност таа јакна или тој фустан го нема во шопинг моловите или во луксузните продавници, значи се работи за посебен дизајн.
Дали костимографијата го доби заслуженото место во Македонија наспроти модата, како што е во Холивуд каде се добива и Оскар за оваа професија?
Не, ама баш не. Тука недостасува култура на почит кон уметноста и дизајнот генерално. Костимографијата, тоа е нешто што во минатото било дел од нормалната работа без разлика дали е современа драма или историски филм – постоеле кадри кои биле едуцирани соодветно и кои имаат критериум. Денес се импровизира, се прават грешки кои малку луѓе ги забележуваат. Поминував доста време со Зорка, таа претежно ми помагаше во фазата на подготовки, па интересно беше да се слушнат нејзините споредбени коментари, како тоа се правело порано, а како се прави сега – има голем напредок, но и многу недостатоци, изгубени вредности.
Дали сега костимографијата ќе ви ги расипе модните планови?
Таман работа! Модата е дел од мојот систем, јас и не сакајќи кога поминувам на улица несвесно си ги коментирам во себе изгледите на минувачите, (се подразбира, без да судам, туку само набљудувам, констатирам). Не би сакала да се откажам од тој дел на креативноста. Таман си е вака – добро е кога ќе почне нешто да ми недостасува да му се навратам со полн жар.
Л. Сабит