Незрела држава


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Косовската влада во оставка повторно ѝ објави на Македонија трговска војна. Ваквата мерка Приштина толку често ја употребува и злоупотребува, што водењето трговија и економија во таа држава сè повеќе личи на шпанска серија.

И лани во овој период Косово промовираше некакви казнени мерки забранувајќи увоз на земјоделски производи од сите четири соседи, вклучувајќи ја и Албанија. Сега се налути зашто, поради стандардите што ги бара Европската Унија, Македонија мораше да стави рампа на увозот на свежа риба од косовските снабдувачи. И, место да погледне во својот двор и да ги примени стандардите што ги бара Брисел и што се бараат од регионот, косовската влада одговори со тоа што единствено ѝ успева во последно време – закани, санкции и разни казнувања на соседството.

Речиси цела една година цел свет се чуди на воведувањето на царината од 100 отсто за сите производи од Србија и БиХ, која нема никаква економска логика туку само политичка, и е дури на штета на косовската економија, покрај тоа што нема врска со пазарната економија. Од неодамна, во наплив на нов антисрпски популизам, Приштина забрани влегување на нејзина територија на сите носители на српски пасош, уште една нецивилизациска мерка одамна непозната и невидена на европската територија.

Сега забрани увоз на мед и компири од Македонија, не криејќи дека освен реваншистичка ваквата одлука нема никаква друга логика и оправдување. На косовскиот економски популизам Македонија сè досега одговараше со многу стрпливост и со многу разумност, но доаѓа време разгаленото „дете“ во соседството да научи дека проблемите треба да ги решава, и тоа не преку нас, туку во сопствениот двор. Вака како што се однесува Косово бргу ќе дојде денот кога сите во регионот и пошироко ќе зажалат што ја признале како држава бидејќи се однесува како герила-територија. Уште повеќе, ќе покаже дека е проблематичен сосед кој не знае за што служи зборот дијалог, а сите спорови со соседите, вклучувајќи ги и тие добронамерните, ги решава со притисок и закани. Зашто, сите вакви мерки на Приштина ги одвраќаат странските инвеститори не само од Косово туку и од целиот регион и ги уриваат сите планови на ЕУ за некаков заеднички економски простор, за да се подигне економијата во секоја земја поединечно.

На крајот на краиштата, оваа најнова забрана за увоз на мед и компири ја отвора и дилемата зошто Македонија би инвестирала во инфраструктурата за да стигне до толку несигурен пазар кој зависи од хировите или рејтинзите во моментов на косовското раководство. Како и дилемата, што ќе се случи ако еден ден Македонија почне преговори со Унијата и почне да ги приспособува своите политики, вклучувајќи го и визниот режим, кон барањата на Брисел, како што го направи тоа Бугарија кон нас? Ќе ни објави вистинска војна?

Косово всушност е најдобриот пример како водењето држава се меша со водење политика и популизам, и како сè што се прави на тој план има како подтекст штитење нечии тесни бизнис-интереси по секоја цена или зачувување на власта со продавање политичка магла. Место да им објасни на граѓаните дома дека треба време и работа да се исполнат некои стандарди во трговијата и место да побара помош од Македонија или од ЕУ косовските риби да доаѓаат според пропишаните правила, Приштина им продава магла на Косовците билдајќи го нивното државничко „его“ во трговските расправии со соседите.