„Независен“ во Кожани: Грчкиот нафтен гигант „Хеленик петролеум“ се насочува кон енергија од Сонцето

Во грчкиот регион Западна Македонија е изградена импозантна фотоволтаична централа со снага од 204,3 мегавати, доволно за потребите на 75 илјади домаќинства


Проектот Кожани се состои од 18 локации на површина од 4.500 хектари

 

(Од нашиот известувач)

КОЖАНИ, Грција – Грчката нафтена компанија „Хеленик петролеум“ една од најголемите на Балканот, сѐ повеќе се насочува кон енергијата од Сонцето. Во близина на Кожани, главниот центар во грчкиот регион Западна Македонија, е изградена импозантна фотоволтаична централа со снага од 204,3 мегавати (MW), а нејзиното производство на електрична енергија е доволно да ги задоволи потребите на 75 илјади домаќинства. Компанијата, која е присутна и во Северна Македонија како сопственик на ОКТА и на синџир бензински станици, има причина да биде горда на она што го направи со инвестицијата вредна околу 130 милиони евра – фотоволтаичната централа кај Кожани е најголемата со двострани панели во Европа, односно фотоволтаици кои можат да ја претворат сончевата во електрична енергија не само од горната страна, туку и од долната која ја апсорбира енергијата која се рефлектира, односно се одбива од површината.

Распослана на падините на една од околните планини, со највисока точка од 1.050 метри надморска височина (за споредба, врвот Крстовар на Водно крај Скопје е висок 1.066 метри), и во должина од околу 2,5 и широка околу еден километар, фотоволтаична централа е систем од 18 помали централи кои се меѓу себе поврзани и имаат капацитет за производство на 350 гигават часови (GWh) енергија годишно.

Фотоволтаичната централа кај Кожани е најголемата со двострани панели во Европа, кои можат да ја претворат сончевата во електрична енергија не само од горната страна, туку и од долната

„’Хеленик Петролеум’ минатата година одлучи да продолжи напред кон ‘Визија 2025’ , т.е. кон планот за стратешка трансформација на потребите на новата ера: мора да станеме ‘позелени’, мора да се трансформираме од нафтена компанија во енергетска компанија, преку големи инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ)“, истакна Сотирис Анастасиадис, директор за корпоративни комуникации во Групација „Хеленик Петролеум“, пред група од десетина новинари од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Бугарија, земји во кои е присутна компанијата.

Сотирис Анастасиадис, директор за корпоративни комуникации во Групација „Хеленик Петролеум“

Амбициите се големи. Ова е првиот голем почетен проект со инсталирана снага 204,3 мегавати.
„Нашата цел е да имаме 1GW во 2026 година и 2GW во 2030 година, така што за нас оваа потреба од промена е апсолутно неопходна ако сакаме да бидеме тука не само за 10 години од сега, туку за 60 или 70 години“, вели Анастасиадис.

Фотоволтаичната централа кај Кожани е само почеток, целта е 1GW во 2026 година и 2GW во 2030 година

Трансформацијата на пределот каде што е сместена централата е неверојатна. Возејќи од Солун, кон Кожани и потоа кон фотоволтаичната централа, покрај патот може да се забележат повеќе термоцентрали на јаглен, како и голем површински коп за ископ на јаглен од каде што се задоволуваат потребите на централите Птоломеида.

Исклучувајќи се од главната магистрала, патот води нагоре кон планините каде што по околу половина час возење се наидува на амбиент кој наликува на сцена од научно-фантастичен филм – илјадници панели ги покриваат падините на планината и блескаат на пролетното сонце, додека на околните врвови има траги од снегот паднат претходните денови.

Трансформацијата на пределот каде што е сместена централата е неверојатна

Локацијата е важна

Новинарите се интересираа зошто беше избрана токму оваа локација, а не некоја на пониска и рамна површина.

„Па, има причини зошто е одлучено да се користи оваа локација; далеку е од урбаните средини и е многу блиску до трафостаницата што ја видовме кога доаѓавме овде, бидејќи таа трафостаница е на супер-висок напон и се наоѓа на 14 километри. Покрај тоа, далеку е од постројките за лигнит што произведуваат честички кои би можеле да влијаат на панелите, бидејќи би можеле да се задржат. Односно, да направат талог на панелите и да создадат проблеми во производството на фотоволтаичната централа“, вели Сотирис Капелос, директор за развој и операции во Групација „Хеленик петролеум“.

Има причини зошто е одлучено да се користи оваа локација, вели Сотирис Капелос, директор за развој и операции во Групација „Хеленик петролеум“

Капелос импонира со познавањето на енергетиката и со својата едноставност и смиреност, трпеливо и прецизно одговара на прашањата на новинарите и дава индивидуално изјави за телевизиските екипи.

За него домаќините велат дека е еден од оние кои извонредно ги познава сите детали околу централата која го скротува сонцето и која произведува чиста, зелена енергија.

„Инсталираната моќност на централата е 204,3 MW, се состои од 18 специфични помали централи кои се приклучени на заедничката трафостаница и секоја од централите има моќност од 5 до 14 MW, па ако ги собереме сите овие централи доаѓаме до 204 MW, колку што е вкупната инсталирана моќност на централата“, објаснува Капелос.

Изградбата на централата почна во ноември 2020 година, а заврши во декември 2021 година, така што беа потребни 16 месеци за да се реализира

Тој додава дека на локацијата во годината има 1.600 сончеви часови од 8.400 колку што е вкупниот број часови годишно. Зборувајќи за локацијата каде што е сместена фотоволтаичната централа, тој вели дека добрата работа во врска со ова подрачје, т.е. локацијата што е избрана за централата е тоа што е релативно студено.

„Температурата е ниска и има многу добро зрачење, така што ова е најдобрата комбинација за да може фотоволтаичната централа да има максимална излезна моќност. Значи, ни треба ниска температура како сега, така што имаме Сонце што сјае, а исто така имаме студено време. Ова е идеално“, вели тој.

Изградбата на централата почна во ноември 2020 година, а заврши во декември 2021 година, така што беа потребни 16 месеци за да се реализира. Од јануари се работи на трафостаницата и на приклучокот, така што, како што објаснува Капелос, секоја од централите ќе биде ставена во употреба деновиве.

Во екот на изградбата биле ангажирани до 400 луѓе, но за време на работењето бројот на луѓе што ќе работат ќе биде некаде до 20. Се проценува дека целата инвестиција ќе се врати за околу 6-7 години.

Одговарајќи на прашањето која е цената на електричната енергија произведена тука во споредба со стандардната цена, Капелос вели дека учествувале на наддавањето и добиле цена од 57,72 евра за MWh, што е многу пониска во однос на 200 евра за MWh, што е минимумот како резултат на кризата.

Трафостаницата во близина на фотоволтаичната централа

„И пред кризата, овој трошок, оваа цена беше би рекол еднаква на големопродажната цена… Не беше повисока од цената на струјата од термо блоковите. Значи, цената е многу зелена и многу конкурентна“, вели тој.

Произведената струја од оваа фотоволтаична централа ќе оди директно во системот и потоа во преносниот систем на Грција и ќе може да ја троши секој што е поврзан.

„Ова не е централа чиешто производство на електрична енергија е наменето за специфична употреба, туку е поврзана и оди во системот. Постојат самостојни централи кои во иднина би можеле да се користат за производство на водород, кои произведуваат електрична енергија која ќе се користи исклучиво за производство на водород, но тука не е така – произведената енергија оди во системот и тогаш сите потрошувачи можат да ја трошат електричната енергија што се произведува“, вели Капелос.

Максимално се внимавало и на заштитата на животната средина

Домаќините посочуваат дека во изградбата на оваа централа максимално се внимавало и на заштитата на животната средина. Од една страна, не станува збор за пренамена на земјоделско земјиште, како што тоа често се прави кај нас кога се поставуваат фотоволтаици, потоа, падините биле главно „голи“ со ретки грмушки или ниско стеблести растенија, а се водело и грижа за биодиверзитетот, па помеѓу деловите на централата оставени се коридори за да може живиот свет непречено да поминува и да се движи.

Изградбата на соларната електроцентрала се темелеше на најсовремени системи за автоматско следење и управување со енергијата

„Ова земјиште е јавно земјиште, значи ѝ припаѓа на државата, ги направивме сите еколошки студии и немавме никакви негативни реакции од населението. Всушност имавме многу добар однос, секако дека сме блиски со соседните заедници и даваме спонзорства и нудиме да помогнеме каде можеме во секој аспект од нивниот живот“, вели Капелос.

По што се разликуваат двостраните панели

Изградбата на соларната електроцентрала, која е најголема во Европа која што користи бифацијални (двострани) фотоволтаични панели, се темелеше на најсовремени системи за автоматско следење и управување со енергијата.

За потребите на оваа сончева централа, кинескиот производител на соларни панели Jinko Solar Holding испорача над 500.000 бифацијални модули на грчката компанија Juwi Hellas Renewable Energy Sources за проектот за соларен парк. Проектот Кожани се состои од 18 локации на површина од 4.500 хектари.

И покрај пандемијата со корона вирусот, беше завршена во предвидениот рок. JUWI беше назначен како изведувач на проектот, додека на подружницата на Групацијата Хеленик, ΑSPROFOS, беше задолжена за надзор на проектот за развивање експертиза во новиот сектор во согласност со стратегијата на Групацијата.

За потребите на оваа сончева централа, кинескиот производител на соларни панели Jinko Solar Holding испорача над 500.000 бифацијални модули на грчката компанија Juwi Hellas Renewable Energy Sources

„Како што можете да видите, панелите се проѕирни. Задната страна на панелите е проѕирна. Кај едностраните панели, кои се најчесто користени, тие не се проѕирни. Задната страна е пластична, не се гледа низ панелот. Задната страна на панелите може да произведе, според производителите, до 70 отсто од номиналната вредност на моќноста на нејзиниот панел. Тоа е експериментално и теоретски… Во пракса, според студијата што ја направивме може да произведе 5 отсто дополнителна енергија од задната страна на панелот. Панелот е 410 W, а задниот дел може да додаде 5 отсто дополнителна моќност како излезна моќност на секој панел. Значи, вкупната централа може да произведе максимум 204 плус 5 отсто максимум“, истакна Капелос.

Новинарските екипи од Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Бугарија, заедно со претставниците на „Хеленик петролеум“

Новинарските екипи од земјите од регионот, меѓу нив и на „Независен“, имаа можност да ја посетат фотоволтаичната централа набрзо по нејзиното официјално претставување пред грчкиот државен врв на чело со премиерот Киријакос Мицотакис, кој во таа пригода рече дека овој проект ги одразува националните цели на Грција за евтина и чиста енергија од сонцето, од ветерот, од водата.

Тој вети дека владата ќе ги забрза дозволите за проекти за обновливи извори на енергија, вклучително и изградба на големи морски паркови со ветерници, бидејќи земјата се обидува да се одвикне од скапите увезени фосилни горива што доведуваат до зголемено загадување.
„Грција ќе стане протагонист на полето на обновливите извори на енергија. Ќе усвои нови иновативни технологии“, истакна Мицотакис.

Минатото, сегашноста и иднината на едно место

Како што истакнал извршниот директор на ХЕЛПЕ, Андреас Сиамисис, вкупната корист од намалувањето на увозот на природен гас од новата соларна фарма во Кожани се проценува на околу 80-100 милиони евра годишно.

Фотоволтаичната централа во Кожани ги одразува и напорите на земјата да го удвои инсталираниот капацитет од обновливи извори на околу 19 гигавати до 2030 година.
Со оглед на тоа што регулативите на Европската унија бараат зголемен удел на чиста енергија, „Хеленик“, иако нафтена компанија, се впушти во сериозна енергетска транзиција, што го потврдува и овој соларен парк.

Произведената струја од оваа фотоволтаична централа ќе оди директно во системот и потоа во преносниот систем на Грција и ќе може да ја троши секој што е поврзан

Грција има најголем удел на сончева и ветерна енергија во производството на електрична енергија на Балканот.

Инаку, примерот на „Хеленик петролеум“ во Кожани за производство на електрична енергија од соларни панели ќе го примени и нејзината подружница во нашата земја, компанијата ОКТА – во кругот на некогашната рафинерија се планира изградба на помал соларен парк кој ќе ги покрива потребите за електрична енергија на самата компанија, а вишокот ќе се нуди на пазарот.

Фотоволтаичната централа ќе овозможи намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 300.000 тони годишно, што одговара на 110.000 хектари шума

Бројки:

  • производство на 350 GW часа чиста енергија секоја година, што е еднакво на потрошувачката на 75.000 домаќинства
  • ќе обезбедува приходи за локалната самоуправа, домаќинствата и бизнисите во износ од 600.000 евра годишно
  • намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 300.000 тони годишно, што одговара на 110.000 хектари шума
  • намалување на трошоците за енергија на национално ниво, бидејќи цената по која ќе се продава енергијата во системот ќе биде фиксирана на 57,72 евра по MWh во следните 20 години