„Независен“ на концертот на Тејлор Свифт во Амстердам: Три магични ноќи
Настапот на Свифт во Амстердам беше полн со љубов кон нејзиното момче, ѕвездата на американскиот фудбал, Тревис Келси
Мирче Јовановски (Од нашиот известувач)
АМСТЕРДАМ – Тејлор Свифт, мега популарната поп-звезда и едно од најзвучните имиња во современата поп култура, одржа три незаборавни концерти во Арената „Јохан Кројф“ во Амстердам. „Независен“ имаше можност да го проследи третиот нејзин настап во саботата во градот на црвените фенери, пред таа турнејата да ја продолжи во Швајцарија.
За оние на кои рок музиката им е поблиска, веројатно првото изненадување го имаат кога ќе се соочат со толпата народ која се упатува кон Арената. Се разбира, она што е различно е иконографијата – најстрастни фанови на Свифт се претежно млади девојки, од кои повеќето за концертот носеа светкава облека во стилот на нивниот идол. Ваквиот стил го прифатија и некои од момчињата, што ја надополни сликата пред Арената „Јохан Кројф“ и возбудата која полека добиваше во динамика.
Со повеќе од три часа настапот на Тејлор Свифт ги оправда очекувањата на сите присутни во Арената.
Секоја песна која што беше изведувана, било да е во придружба на дваесетина танчери/танчерки и придружни вокали, покрај извонредниот бенд, или пак соло настапите на гитара и пијано, сите наликуваа на видео спотови во живо. Комуникацијата со публиката, светлечките ефекти, видео перформансите, многубројните сценски ефекти, звукот и изведбите беа совршени, до таа мера што и премините од една во друга фаза и костими (а такви имаше многу) беа правени ненаметливо. Со еден збор, ако има совршенство во живите настапи, овој концерт беше блиску до тоа.
Тејлор Свифт му се заблагодари на Амстердам за трите магични ноќи.
„Три магични ноќи во Амстердам! Ви благодариме на сите кои дојдовте на шоуата, пеевте со вашите срца и игравте цела ноќ со нас!”, напиша таа на Инстаграм со фотографии направени на нејзините настапи од 4 до 6 јули.
Таа без многу напори (бидејќи публиката едноставно ја голташе) ги водеше присутните низ разните фази од нејзината кариера (оттаму и називот на турнејата Eras tour).
Концертот во саботата го одбележа и присуството на нејзиното момче, Тревис Келси, звездата на американскиот фудбал и шампион на Супербоулот кој присуствуваше на два од трите настапи во Амстердам.
Тој ја придружуваше и на други концерти, како неодамна во Лондон, кога популарната двојка се сретна со принцот Вилијам по еден од нејзините концерти на Вембли, на кој британскиот престолонаследник присуствуваше со децата принцот Џорџ и принцезата Шарлот.
Настапот на Свифт во саботата во Амстердам беше полн со љубов, на овој концерт таа ја изведе една од нејзините најсентиментални балади – „Песната на Мери“ од 2006 година – за прв пат по 16 години, што „истури“ уште повеќе емоции заради присуството на Келси.
Свифт изведуваше песни и од нејзините албуми „Speak Now (Верзија на Тејлор)“, „1989 (верзија на Тејлор)“, „Фолклор“ и „Полноќ“ за време на турнејата „Ерас“.
„Во ред, добивате бонус поени ако ги знаете зборовите“, рече Свифт, седнувајќи на пијаното, „бидејќи е од мојот прв албум и никогаш не сум го извела на турнејата Ерас“.
Обожавателите беа уште погласни додека таа го заврши “коктелот” песни со стиховите на „Песната на Мери“: „Ќе имам 87, ќе имаш 89 години/Сè уште ќе те гледам како ѕвездите што сјаат / На небото, о мој мој мое“.
Зборовите имаат ново значење откако започна нејзината врска со НФЛ ѕвездата. И Свифт и Келси се родени во 1989 година, а неговиот број на дресот е 87. Изгледа дека изведбата ги натера сите да бидат емотивни.
Медиумите кои ја следат турнејата на Свифт и ги фаќаат сите детали, по концертот пишуваа дека за љубовта во воздухот за време на третото шоу Eras Tour во Амстердам придонесоа и пријателите на парот, Патрик и Британи Махомес. Тие се гушкаа додека Свифт го пееше својот хит „Lover“ во саботата вечер.
Свифт по Амстердам отпатува за Цирих каде што има две претстави на 9 и 10 јули, пред да замине во Милано на две претстави на 13 и 14 јули.
Таа ќе ја продолжи својата европска турнеја во текот на јули и август, пред да се врати во Северна Америка за да ја заврши турнејата Ерас во октомври, ноември и декември.