Незапаметена суша во последните 40 години: „Не трошете ни капка вода“ (видео)


Милиони жители на колумбиската престолнина Богота се соочуваат со ограничувања на водата поради сушата што не е забележана во последните 40 години. Градот е поделен на девет зони. Градскиот резервоар е на минимум.

Колумбиските власти го поделија регионот околу главниот град на девет зони – секоја зона наизменично го исклучува снабдувањето со вода 24 часа. Се проценува дека над 10 милиони луѓе биле погодени од овие мерки. Болниците и училиштата се ослободени од ограничувања.

Градоначалникот на Богота ситуацијата ја нарече исклучително тешка.

„Да не трошиме ни капка вода во Богота во овој момент. Ова ќе ни помогне побрзо да ги отстраниме или намалиме овие ограничувања“, рече градоначалникот Карлос Фернандо Галан на прес-конференција на која ги презентираше мерките за штедење.

Ограничувањата, кои беа објавени претходно оваа недела, стапија на сила во четвртокот. Градските власти, објасни тој, за две недели повторно ќе ја проценат состојбата и соодветно ќе донесат одлуки.

Градскиот резервоар на минимум
Недостигот на дожд и екстремната топлина доведоа до сушење на резервоарите за вода во Колумбија со алармантна брзина.

Резервоарот Чуза, дел од системот кој обезбедува околу 70 отсто од водата во градот, има помалку од 17 отсто од својот капацитет.

Градоначалникот Фернандо Галан изјави дека ова е најниската точка во последните 40 години.

Жителите на Богота се принудени да ја намалат потрошувачката на вода. Посочуваат дека се откажале од перење автомобили.

Се туширам најмногу четири минути и избегнувам да перам алишта“, вели еден од жителите на Богота.

Колумбискиот претседател најавува значајни промени
Колумбискиот претседател Густаво Петро најави „значителна промена“ во заштитата на водните ресурси во следните 30 години.

Тој предупреди на „непречена урбанизација“ и го критикуваше „ограбувањето“ на водните ресурси од страна на земјоделството и градежната индустрија.

Меѓутоа, експертите овој проблем со кој се соочува Богота го поврзуваат со климатскиот феномен „Ел Нињо“, кој предизвикува нагло зголемување на глобалните температури.

Богота не е единствената во неволја во регионот, а главниот град на Мексико Мексико Сити, како и главниот град на Уругвај, Монтевидео, исто така се соочија со недостиг на вода во последните години.