Невреме со силен дожд, грмотевици и град го зафати Скопје

Во дел од Карпош снемало електрична енергија


Фото: Б. Грданоски

Скопје вечерва е зафатено од силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град на некои места.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека поголема нестабилност се преместува преку западниот дел на Скопје и слабо се движи кон север до североисток.

Претходно, тетовскиот регион денеска попладне беше зафатен од пороен дожд, грмежи, засилен ветер и повремено појава на град.

Од ЦУК информираат дека големото количество поројни води предизвика поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.

-На 112 во ЦУК има повеќе од 200 пријави на штети на возила, вклучително и на скршени ветробрански стакла на возила во движење на автопатот Скопје-Тетово, особено во делот на општина Желино, соопштуваат од ЦУК. 

Фото: Б. Грданоски

УХМР најавува дека во текот на следната недела, претежно во попладневните часови, ќе има почеста појава на пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.

Следните денови и понатаму ќе биде топло, но со постепено опаѓање на дневната температура.

Утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, претежно во западните делови од земјата ќе има и наместа подолготраен дожд со засилен ветер и грмежи. УВ=8. Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината можна е појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.