Невнимателно претекнување, тешка сообраќајка во Битола


 

Момче од Данска на 22 години ја предизвикало сообраќајката на влезот од Битола кај поранешен „Транскоп“ и претекнувајќи директно удрило во кола од спротивната страна при што тешко повреди возач и совозач. Сообраќајката се случи синоќа после 21 часот. Момчето било дојдено на гости кај свои роднини во Битола.

Тешко повредени се мајка и син од селото Бистрица, кои од ударот се здобиле со скршеници на бутните коски, ребрата и контузија на главата, велат од семејството на повредените. Жената во текот на ноќта е оперирана во  Битолската клиничка болница, операцијата на синот е во тек.

Според кажувања на очевидци, момчето со брза кола претекнувало и влетало во спротивната лента и предизвикало силен и директен удар. Се очекува притвор за момчето од Данска.

Од полицијата соопштија дека на 30.07.2024 во 21.24 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Македонска фаланга“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со дански национални ознаки, управувано од К.Ц.(21) од Данска и патничко возило „хонда“ со битолски регистарски ознаки, управувано од М.М.(38) од с.Бистрица, битолско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот М.М. и неговата сопатничка Л.М.(60) од с.Бистрица, додека со телесни повреди се здобил возачот К.Ц. констатирани во  Клиничка болница Битола.

Во несреќата било оштетено и паркирано возило „опел“  без регистарски ознаки, паркирано од Б.С.(59) од Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола, соопштија од полицијата.

(А.Б.)