Нетанјаху го прифати планот на Трамп

Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел, го прифатил планот на претседателот на САД Доналд Трамп, за завршување на војната во Газа, а во обраќањето до јавноста велат дека: „Ова е еден од најголемите денови во историјата на човечката цивилизација“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
По повеќе од еден час доцнење, започна заедничката прес-конференција на американскиот претседател и израелскиот премиер.
„Тукушто разговаравме за завршување на војната во Газа, Иран, трговијата, Абрахамовите договори и поширокиот контекст на „мирот на Блискиот Исток“, рече Трамп.
„Многу, многу сме блиску. И мислам дека сè уште сме многу блиску“, рече Трамп за постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа. „Ова е веројатно еден од најголемите денови во историјата на човечката цивилизација“, додаде тој.
Му се заблагодари на Нетанјаху за прифаќањето на неговиот план за Газа.
Доколку Хамас го прифати предлогот, сите преостанати заложници ќе бидат ослободени во рок од 72 часа, потврди Трамп. Според планот, арапските и муслиманските земји се обврзуваат на демилитаризација на Газа и разоружување на Хамас и сите други терористички организации. Тој додава дека „слушнал дека и Хамас сака ова да се случи“.
Во документ објавен од Белата куќа, американскиот претседател Трамп го претстави својот „Сеопфатен план за прекин на конфликтот во Газа“.
Планот содржи 20 главни точки, почнувајќи со тоа Газа да стане „дерадикализирана зона без тероризам“ што не претставува закана за нејзините соседи.
„Ги предизвикувам Палестинците да ја преземат одговорноста за сопствената судбина затоа што ние им ја даваме. Им даваме одговорност за нивната судбина, го осудуваме и целосно го забрануваме тероризмот и градиме посветла иднина за себе“, рече Трамп, изгледајќи како да ја префрла вината за секој неуспех на палестинскиот народ, кој се соочува со речиси двегодишна израелска опсада.
Трамп продолжи: „Ако Палестинската власт не ги заврши реформите што ги зацртав… тие ќе треба само себеси да се обвинат“.
Во својата изјава за медиумите, американскиот претседател го нарече Нетанјаху воин, додавајќи дека Израел имал „среќа што го има“.
Тој го издвои поранешниот британски премиер Тони Блер како еден од членовите на неговото планирано преодно управно тело за Газа во случај да заврши израелската офанзива.
„Ќе назначиме лидери од други земји и лидери кои се многу истакнати лидери, и ќе имаме одбор. Еден од луѓето што сака да биде во одборот е поранешниот британски премиер Тони Блер. Добар човек, многу добар човек. И некои други“, рече тој и го нарече мировен комитет.
Другите членови, додава Трамп, ќе бидат именувани во наредните денови.
Бенјамин Нетанјаху го започна својот говор обраќајќи му се на Трамп: „Вие сте најголемиот пријател што Израел некогаш го имал во Белата куќа“.
„Го поддржувам вашиот план за завршување на војната во Газа што ги постигнува нашите воени цели“, му рече тој на Трамп. „Тоа ќе ги врати сите наши заложници во Израел, ќе ги уништи воените капацитети на Хамас и неговата политичка моќ и ќе обезбеди Газа никогаш повеќе да не претставува закана за Израел“.